Соопштенија

63-та СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС

Претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев ја информира јавноста дека денес 30.01.2017 година (понеделник) во просториите на Општина Велес со почеток во 13:00 часот, Советот на Општина Велес ќе ја одржи 63-та седница.
За 63-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Предлог-решение за престанок на мандат на член на Советот на Општина Велес.
На Панче Иванов, член на Советот на Општина Велес, му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран. Мандатот на членот на Советот му престанува согласно член 46, став 1 алинеја 1 од Законот за локалната самоуправа, пред истекот на мандатот за кој е избран. Престанокот на мандатот е резултат на неодамна завршените предвремени парламентарни избори на кои тој стана пратеник во Собраните на РМ.
2. Предлог-решение за разрешување и избор на член на Комисија за мандатни прашања избори и именување.
Како резултат на првата точка престанува и мандатот на член на комисијата за мандатни прашања, избори и именувања затоа потребно е да се избере нов член на оваа комисијата.
3. Предлог-одлука за утврдување почетна цена за издавање под закуп на просторија дел од објект на КП 1687 за КО Иванковци сопственост на Општина Велес.
На седницата во 2007 година, Советот донесе Одлуката за давање намена на дел од објект сопственост на Општина Велес во село Иванковци („Сл.гласник на Општина Велес“ бр. 6/07 и 7/07).
Со оваа Одлука просториите од 45,43 м2 се наменуваат за комерцијални цели.
До крајот на 2016 година, овие простории беа давани под закуп во постапка по пат на усно јавно наддавање, кој договор за користење под закуп беше продолжен и од страна на овој Совет.
Од причина што е истечен договорот за закуп со стариот закупец, а поради задолжителното елетронско водење на јавното наддавање, се наложи потреба да се утврди почетната цена на закуп за овој простор.
4. Предлог-одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Сопот, Општина Велес за кое нема урбанистички план.
Со донесувањето на оваа Одлука за село Сопот ќе се задоволи потребата на граѓаните за барање за одобренија на градење. Планскиот опфат ќе значи дека овој простор се формира како земјиште за градба и ќе се олесни постапката за издавање на одобренија за градење како и ќе се забрза процесот на легализација на бесправно изградените објекти.
5. Предлог-одлука за утврдување на потреба за пренамена на површина со класа на намена Г2 (лесна индустрија) во класа на намена А1 (Домување во станбени куќи) заради усогласување на намената на бесправните објекти изградени во КО Велес.
До Општина Велес поднесени се барања за утврдување на правен статус на бесправен објект.
Бесправните објекти кои се предмет на барањата за утврдување на правен статус се наоѓаат на земјиште чијашто класа на намена согласно Деталниот урбанистички план за дел од УЕ 1, УБ 2, УБ 7 и УБ 9 е Г2 (лесна индустрија).
Со цел непречено да се продолжи постапката за утврдување на правен статус на овие бесправно изградени објекти (кои несомнено се изградени пред многу години) и поефикасно да се заврши постапката во пресрет на граѓаните, потребно е да се изврши пренамена на земјиштето со класа на намена индустрија во класа на намена А1-Домување во станбени куќи. На овој начин голем дел од започнатите постапки би се завршиле и барателите ќе добијат Решенија за утврдување на правен статус кои претставуваат правен основ за запишување на правото на сопственост во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.
6. Предлог-одлука за воспоставување и одржување на Катастар за животната средина на територијата на Општина Велес.
Согласно Законот за животната средина, Општина Велес пристапи кон изработка на „Катастар за животната средина на територијата на Општина Велес“ со кој ce опфатени: воздухот, водата, отпадот и почвата. За таа цел, општината врз основа на Договор го задолжи и овласти Технолаб ДОО Скопје да го изработи стратешкиот документ. Неговата изработка е во согласност со член 41 и член 42 од Законот за животната средина. Базата на податоци и нивото на нивната обработка дава можност овој Катастар да биде динамичен стратешки документ и како таков да биде инструмент на локалната власт за одржливо управување со квалитетот на животната средина.
7. Предлог-одлука за изменување и дополнување на Одлуката за воведување на ноќно собирање на комунален/комерцијален отпад на територијата на Општина Велес.
Согласно задачите и активностите од Програмата за управување со отпад за 2016г. се изврши анализа на постојните реони за собирање и транспортирање на отпад, теренски увид, редефинирање на реоните (еден реон помалку) и нивно мапирање (картографски приказ). Бидејќи реоните се утврдени и усвоени со Одлуката за воведување на ноќно собирање на комунален и комерцијален отпад, потребно е да се изврши измена и дополнување на оваа Одлука. Заради застарениот возен парк, многу често се случуваат дефекти на возила и оневозможеност на давателот, услугата да ја изврши во ноќните часови. Во Одлуката е регулирано извршувањето на услугата е во случај на виша сила (невреме, поплави и сл.), но не и во случаи на дефекти на возен парк. Со измената на оваа Одлука се регулира начинот и времето на извршување на услугата во вакви случаи, координацијата помеѓу давателот на услугата и општината заради соодветна комуникација со граѓаните кои бараат информации од надлежните служби.
8. Предлог-програма за одржување на јавната чистота на територијата на Општина Велес за 2017 година.
При изготвување на програмата земено е во предвид и јавното мислење за потребите за одржување на јавните површини искажано преку претставки или др. начин на комуникација со граѓаните, како и преку работата на терен на надлежните инспекциски служби во општината и стручните служби во ЈКП Дервен.
Во Програмата е зголемена површината на одржување на јавната чистота од 2016г. за нови 1.283.460м2 и тоа површина за метење и миење.
Во Програмата се внесени ново изградените ул. Бане Андреев Ронката, новоизградените паркинзи на ул. Никола Карев и Гимназија Кочо Рацин, новоизградените летниковци на Езерото Младост, а поместен е терминот и зголемен е временскиот период на миење на улиците од 15.04-15.10. на 01.05.-13.11.
За спроведувањето на работните задачи на оваа Програма потребни се 23 метачи, 6 перачи, 2 работника за собирање на смет, 1 тракторист, 2 возачи на специјални возила/цистерна и 1 работоводител.
За вонредните активности потребно е ангажирање на градежни машини, автоподигнувачи, ровокопач и други специјални возила.
Врз основа на горенаведното, за реализација на оваа Програма потребни се 10.500.000,00 денари кои ќе се финансираат од Буџетот на Општина Велес, со средства предвидени во Програмата за уредување на градежно земјиште на територијата на Општина Велес за 2017 година.
9. Годишен извештај за спроведување на Програмата за управување со отпад на територијата на Општина Велес за 2016 година.
Годишниот извештај за спроведување на Програмата за управување со отпад го опфаќа периодот јануари-декември 2016 година. Општина Велес во соработка со ЈКП Дервен ги реализираше активностите согласно утврдените стратешки цели и приоритети во Програмата за управување со отпад за 2016г. и Планот за управување со отпад за Општина Велес (2013-2017). Годишниот извештај за спроведување на Програмата за управување со отпад опфаќа активности финансирани преку сопствени средства од Буџетот на Општина Велес со средства од Програмата за активностите на Општина Велес во областа на заштитата на животната средина во 2016г., како и средства на ЈКП Дервен.
10. Предлог-програма за управување со отпад на територијата на Општина Велес за 2017 година.
Програмата за управување со отпад на територијата на Општина Велес за 2017г. обезбедува координиран пристап на учесниците во системот на управување со отпад - Општината како генерален носител на активностите и ЈКП Дервен како изведувач на активностите и овлaстен оператор на системот за управување со отпад на територијата на Општина Велес. Оваа Програма содржи 6 области на делување од кои дел се финансиски, а дел се координативни, организациски и логистички (нефинансиски). За нејзина реализација потребни се 10.550.000 денари од кои 450.000 се сопствени средства на ЈКП Дервен, а 10.100.000 денари ќе се финансираат од Буџетот на Општина Велес, со средства предвидени во Програмата за активностите на Општина Велес за заштита на животната средина во 2017 година.
11. Предлог-годишен план за вработување во Општина Велес за 2017 година.
Предлог-годишен план за вработување во Општина Велес за 2017 година се изработува поради планираните движења на кадарот во тековната година. Со овој документ се предвидуваат и сите унапредувања, пензионирања и нови вработувања кои се јавуваат како потреба за подобро функционирање на локалната самоуправа и територијалната противпожарна единица.
12. Предлог-програма за уредување и одржување на градското зеленило на територијата на Општина Велес за 2017 година.
Програмата за секторот „паркови и зеленило“ при ЈКП Дервен е насочена кон одржување на зелените парковски површини, зеленилото на скверовите во централното градско подрачје, скверовите на споредните улици, зеленилото на влезовите во градот, со цел хортикултурно уредување и оплеменување на просторот за да се постигне поурбан изглед на градот. Со оваа програма се утврдува: тероторија, површина, интензитет и фрекфенција на одржување, потоа работните операции, обемот и динамиката на извршената работа, начинот на финансирање и надзорот во спроведување на програмата.Вкупната ефективна површина на јавни зелени површини за редовно одржување изнесува 262 348 м2.
13. Предлог-акциски план за одржлив енергетски развој на Општина Велес (СЕАП).
Акциониот план ги предвидува сите мерки и активности кои се потребни за да се намали емисијата на CO2 во општината Велес на 21% во 2020 година во однос на референтната 2008 година. Методологија за Акциониот план е во согласност со насоките на Европската комисија. Планираните мерки и потрошувачката на енергија се анализирани одвоено за трите главни сектори - згради, транспорт и улично осветлување, како што е препорачано од страна на Европската комисија.
14. Предлог-програма за работа на Локалниот совет за превенција на детско претстапништво за 2017 година.
Целта на оваа програма е спречување на деструктивен облик на однесување кај децата и наше превентивно делување заради зголемениот пораст на деца со вакво поведение кои докажаа дека детското престапништо е општествен проблем. Со оваа програма потребно е да се заштитат децата од било каков облик на неприфатливо однесување од криминал, насилство или на загрозување на нивните права и слободи. Целна група на програмата се учениците од основните и средните училишта и нивните семејства,а во одредени активности се вклучени и децата во најраната возраст.
15. Предлог-план на „ЈКП Дервен“ за 2017 година.
Планот за работа во 2017 година тргнува од целите и интересите утврдени од претпријатието за постигнување подобри резултати во работењето, а во согласност со расположливите средства за работа и достигнатиот степен на развој. При изготвување на планот во предвид беа земени развојните планови на Општина Велес. Со негова реализација се очекува ЈКП Дервен да работи финансиски добро, што ќе овозможи на граѓаните и на правните лица да им се обезбеди квалитетно извршување на услугите од областа на водоснабдувањето, комуналната хигиена, пазарните услоги и одржување на зелените површини. Ќе се продолжи со редовно инвестиционо и тековно одржување на водоводната и канализационата мрежа, а во согласност со изготвениот план за јавни набавки кој е изработен врз основа на проекциите од овој План за работа.

16. Извештај за работата со финансиски резултати за период од 01.01.2016 година до 30.09.2016 година на ЈПССО „Парк-Спорт“ Велес.
Во текот на 2016 година ЈПССО „Парк – Спорт“ од Велес има остварено приход од 4.407.998 денари. Тие приходи ги покриваат расходите од 4.285.376 денари. Со тоа е остварен финасиски позитивен резултат од 122.622 денари. Ваквите позитивни резултати се должат пред се на рационално користење на средствата, заштедите при работењето, ангажирањето на вработените и членовите на Одборот за контрола на материјално финасиското работење и Управниот одбор.
17. Предлог-програма за работа и финансиски план на ЈПССО „Парк-Спорт“ Велес за 2017 година.
Програмата за работа и финасискиот план на ЈПССО „Парк – Спорт“ Велес се темели пред се на условите и можностите кои ги нудат спортските објекти со кои стопанисува ова јавно претпријатие, а во кои ќе се одвиваат планираните спортски активности во 2017 година. Со претходни одлуки на Советот во рамки на ЈПССО „Парк – Спорт“ влегуваат Спортската сала „Гемиџии“, градскиот стадион, салата за гимнастички спортови „Партизан“, помошното фудбалско игралиште „Петар Поп Арсов“ и тениските терени „Андон Ќосето“. Целта на оваа програма е да се унапреди менаџирањето со постоечките спортски капацитети,а граѓаните да добијат квалитетни услови за користење на спортските објекти
18. Информација за движењето на акутните заразни заболувања на подрачјето на Општина Велес за период од јуни до декември 2016 година.
Согласно правните акти кои ја регулираат оваа проблематика, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес до Советот на Општина Велес доставува Информација за движењето на акутните заразни заболувања за период од јуни до декември 2016 година.
Со последната 18-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 63-та седница на Советот на Општина Велес.