Соопштенија

67-ма СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС

Претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев ја информира јавноста дека денес 12.04.2017 година (среда) во просториите на Општина Велес со почеток во 13:00 часот, Советот на Општина Велес ќе ја одржи 67-мата седница.
За 67-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Советнички прашања.
Согласно Деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
2. Предлог-одлука за давање на времено користење просторија од објект на Здружението на пензионери Велес.
3. Предлог-одлука за давање времено користење објект на Здружение на пензионери Велес.
Од страна на Здружението на пензионери до Општина Велес пристигнаа предмети со кој бараат користење на простории на ул.„Димитар Влахов“ бр.57 и за користење на објект во Општина Градско во сопственост на Општина Велес. Советот согласно член 36 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа одлучува за начинот за располагање на сопственоста. Помеѓу Општината Велес и Здружението на пензионери Велес, ќе се склучи Договор во кој ќе се регулираат правата и обврските помеѓу договорните страни. Општина Велес се обрати со допис до Државната комисија за спречување на корупција за да добие мислење дали во овој период (кога се уште не е формирана Валда на РМ) може да одлучува за имотот кој што е во сопственост на Општина Велес. Од ДКСК дадено е мислење со образложение дека не постои законска пречка Општина Велес да води постапки за давање во закуп и за давање на трајно користење на имот со кој располага Општина Велес.
4. Предлог-одлука за пренесување на основно средство на „ЈКП Дервен“.
Од Буџетот на Општина Велес во 2012 г. се набавени 14 контејнери со волумен од 1,1 м3, во 2014г. - 11 контејнери со волумен од 1,1 м3, а во 2016г. - 8 метални контејнери од 5 м3 од отворен тип за да се подобри системот за собирање и транспортирање на отпадот во општината. Согласно член 3 од Одлуката за постапување со комуналниот, комерцијалниот и другите видови неопасен отпад на територијата на Општина Велес, оператор на системот за управување со отпад на територијата на Општина Велес е ЈКП “Дервен”. Заради адекватна грижа и управување со садовите за отпад од страна на операторот се предлага донесување на оваа Одлука.
5. Предлог-одлука за откажување од корисничко право од недвижен имот за КП 16883/1 КО Велес.
6. Предлог-одлука за откажување од корисничко право од недвижен имот за КП 6658/1 КО Велес.
Општина Велес со цел непречено да ја продолжи постапката за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на катастарски парцели во сопственост на Република Македонија и поефикасно да ја заврши постапката, потребно е истата да биде без товар односно да нема корисничко право на физичко или правно лице,.
Објектите кои се предмет на овие две точки од невниот ред се наоѓаат во м.в.„Андон Шурков“, евидентирано во ИЛ бр.23410 за КО Велес како корисник се јавува Општина Велес. и на КП бр.6658/1, евидентирано во ИЛ бр.25780 за КО Велес во сопственост на Република Македонија-корисник Општинско собрание.
Откако Советот на Општина Велес ќе ја донесе вака предложената одлука, истата ќе биде доставена во Министерството за финансии–имотно правни работи со барање да биде спроведена постапка за одземање на корисничкото право и ослободување на товар.
7. Предлог-одлука за утврдување на потреба за пренамена на површина со класа на намена Д2 (Заштитно зеленило) во класа на намена А1 (Домување во станбени куќи) заради усогласување на намената на бесправните објекти изградени во КО Велес.
До Општина Велес поднесенo е барањe за утврдување на правен статус на бесправен објект. Истиот се наоѓа на земјиште чијашто класа на намена согласно Генералниот урбанистички план на град Велес е Д2-Заштитно зеленило. Со цел непречено да се продолжи постапката за утврдување на правен статус на овие бесправно изградени објекти кои несомнено се изградени пред многу години и поефикасно да се заврши постапката во пресрет на граѓаните, потребно е да се изврши пренамена на земјиштето со класа на намена Д2- Заштитно зеленило во класа на намена А1 Домување во станбени куќи.
8. Предлог-одлука за утврдување на потреба за донесување на урбанистичко планска документација со која ќе се изврши проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправните објекти изградени во КО Велес.
До Општина Велес поднесени се голем број на барања за утврдување на правен статус на бесправни објекти изградени на катастарски парцели кои се наоѓаат вон границите на важечкиот Генерален урбанистички план на град Велес. Со цел непречено да се продолжи постапката за утврдување на правен статус на овие бесправно изградени објекти (кои несомнено се изградени пред многу години) и поефикасно да се заврши постапката во пресрет на граѓаните, потребно е да биде извршено проширување на планскиот опфат. Наведените катастарски парцели се однесуваат за објекти за кои барања имаат поднесено четири лица. Откако Советот на Општина Велес ќе ја донесе вака предложената одлука, ќе се пристапи кон вклопување на бесправните објекти во идната урбанистичко планска документација.
9. Предлог-одлука за утврдување на приоритет на проект “Воведување на водомери со далечинско отчитување во град Велес“.
Главната цел на овој проект е подобрување на услугите кон корисниците. Конкретно со спроведување на далечинско отчитување на водомерите во Велес, корисниците ќе добијат брза и квалитетна услуга без вознемирување со посети од инкасантите кои треба да ја отчитаат состојбата на корисничките водомери. Со воведувањето на овој систем ќе се овозможи читање на сметките секој месец. Особено значајна придобивка од ваквиот начин на читање на водомерите е можноста да се алармираат потрошувачите ако се регистрира 24 часовно непрекинато течење на водата, што сигнализира дефект на водоводната мрежа кај корисниците. На овој начин може да се следи и намали загубата на вода кај корисниците. Овој проект е веќе започнат од страна на ЈКП Дервен, односно проектот ќе се одвива во неколку фази, првата фаза е имплементирана во текот на 2011 година каде се заменети 130 водомери со далечинско отчитување. Процесот на замена на сите водомери на територија на Општина Велес кои што имаат водоснабдување од градскиот водоснабдителен систем е долгорочен, а во оваа фаза е предвидено да се изврши замена на повеќе од 2000 водомери во централно градско подрачје.
10. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за усвојување на ценовник за користење на салата Бели мугри и медиотеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес.
Од страна на Директорот на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес до Советот доставено е барање за ставање на точка на дневен ред за донесување на Одлука за усвојување на ценовник за користење на салата Бели мугри и медиотеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, Предлог Одлукла која е донесена од страна на Управниот одбор. Во прилог на барањето доставен е Ценовник за користење на сала „Бели Мугри“ и Ценовник за користење на медиотека.
Со последната 10-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 67-та седница на Советот на Општина Велес.