Општина Велес оваа седмица ја одбележува Европската недела на мобилност преку реализација на активности кои се во рамки на проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”).

Како втора активност од одбележувањето на Европска недела на мобилност, денес во просториите на Општина Велес се изврши презентација на финалната верзија на Планот за одржлива урбана мобилност (ПОУМ) кој нуди интегрирани решенија за сообраќајот и сообраќајната инфраструктура во Велес.

„Искуствата кои ги користевме се примерите на градот Љубљана, кој е развиен центар во овој поглед. Планот за одржлива урбана мобилност дава предност на пешаците, на второ место се велосипедистите, добро организираниот јавен градски превоз на еколошки горива и електрична енергија е на трето место, па на крај доаѓаат приватните возила”, потенцираше градоначалникот Коцевски пред присутните претставници на НВО и бизнис заедниците од градот,  локалните институции, претставниците на МВР во Велес, на превозниците и воопшто, пред присутните велешани.

Претставникот на словенечката компанија АПИА која го изработи овој значаен документ, Јован Христоски, ги презентираше клучните препораки и мерки од Планот. Зонското паркирање, затворање на центарот на градот за сообраќај, развојот на јавниот превоз, изградба на мост на реката Вардар кај Речани, развојот на велосипедизмот и велосипедската инфраструктура, новите сообраќајни планови за безбедност на децата и учениците на пат кон градинка и училиште, инфраструктура за лицата со ограничена мобилност, воведување на еднонасочен сообраќај на најкритичните места во високите делови на градот се само дел од мерките опфатени со овој документ.

На вчерашната седница на Советот на Општина Велес, Планот за одржлива урбана мобилност беше усвоен од страна на советниците со четиринаесет гласа „за” и шест „воздржани”.

Со усвојувањето и примената на мерките од овој документ Општина Велес е прва општина во државата со подготвен План за одржлива урбана мобилност кој  е изработен според стандардите на ЕУ.

Документот ќе биде вклучен во урбанистичките и финансиските планови на општината до 2030 година.

Проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”) го подготви тим од општината, а финансиски е поддржан од Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ). Од 16 до 22 септември, секој ден ќе се реализира по една активност.

Проектот ќе биде заокружен на 22 септември (недела) со реализација на завршниот настан кога ќе се одбележи Денот без автомобили. Општина Велес ги повикува сите заинтересирани да се приклучат кон активностите, а детали за истите може да се најдат на интернет страната на општината и на социјалните медиуми.