Стотина деца од градинката „Димче Мирчев” денес беа дел од едукативно – интерактивна работилница која имаше за цел да го презентира велосиедот како алтернативно превозно средство.

Општина Велес оваа седмица ја одбележува Европската недела на мобилност преку реализација на активности кои се во рамки на проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”).

Проектот го подготви тим од општината, а финансиски е поддржан од Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ). Од 16 до 22 септември, секој ден ќе се реализира по една активност, а првата насловена „Учиме да возиме велосипед” се реализираше денес, во ОЈУДГ „Димче Мирчев”, објект 2 „Сонце”.

На денешната работилница, волонтерите од партнер организациите на проектот, “Велес бајкинг” и “Green Power” од Велес, освен што го промовираа велосипедот како алтернативно превозно средство, дадоа акцент и на пешачењето и планинарењето како важни елементи за водење здрав живот.

Проектот ќе биде заокружен на 22 септември (недела) со реализација на завршниот настан кога ќе се одбележи Денот без автомобили.

Општина Велес ги повикува сите заинтересирани да се приклучат кон активностите, а детали за истите може да се најдат на интернет страната на општината и на социјалните медиуми.