На просторот околу езеро „Младост” кој беше зафатен од голем пожар, денес увид извршија претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев со градоначалниците на Велес и Скопје и институциите кои беа надлежни за гасење на пожарот.

Пред увидот Заев оствари средба со градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, командирот на Територијалната противпожарна единица Велес, Љупчо Лепидовски, со претставниците на локалната единица на Дирекцијата за заштита и спасување, на СВР Велес, на Јавното претпријатие Дервен и Шумското стопанство Бабуна, на Црвениот крст и на Армијата на Република Северна Македонија, како и со Агрон Буџаку, директорот на Центарот за управување со кризи, со командантот на противпожарна бригада Скопје и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. На средбата стана збор околу координацијата и заедничката поддршка која треба да се даде во вакви ситуации.

„Владата и пожарните единици од Велес, Скопје и другите градови веднаш дојдоа на помош. Штетите и последиците се големи и долгорочни затоа локалните самуправи ќе мораат да ги менуваат приоритетите. Мора да работиме многу во периодот кој следи. Ќе има брз и координиран план за масовно и вонредно пошумуваање со садници кои ги задоволуваат сите еколошки параметри за да ја вратиме шумата на езерото „Младост“. Во тек е ребаналс на буџетот со цел оваа есен да се насадат нови садници, а дотогаш треба да се расчисти теренот. Мојата порака кон сите кои имаат каква било идеја да потпалуваат и да горат човечки судбини, е дека ќе одговараат. Нема да има толеранција за оние кои уништиле нешто што природата и добронамерните луѓе го негувале со децении. Нула толеранција како лекција и како превенција за сите што си играат со огнот и со судбината на луѓето и на животната средина.”, изјави Заев.

„Ова е тажен ден за Велес. Изгубвиме 400 хектари површина под висока борова шума, која е стара повеќе од 50 години. Со ЈП Национални шуми договоривме да се исчисти теренот и да се изврши есенско пошумување. Ќе размислиме добро со кои видови дрво ќе насадиме 50 хектари до крајот на годинава. Потребно е преку ЗЕЛС и Владата да се постават добро работите, бидејќи во ТППЕ Велес има недостаток на кадар и опрема за лична заштита”, истакна градоначалникот Коцевски пред медиумите и се заблагодари на сите оние кои беа вклучени во акцијата за гаснењето на огнената стихија.

Премиерот Заев истакна дека Владата, заеднички со ЕУ и Светска Банка, ќе продолжат со реализација на проектот за развој на туризмот на локалитетот езеро Младост, вклучително и цевководно поврзување на локалитетот Велешко езеро со браната Лисиче за наводнување на целиот овој регион.