Граѓаните на Велес, претставниците на граѓански здруженија и јавната администрација покажаа голем интерес за семинарот на ЦИВИЛ за транспарентност и одговорност кој вчера и денес се одржува во хотел „Романтик“, на брегот на езерото „Младост”.

Семинарот е посветен на стратешкото планирање на проектот „Граѓански објектив: Транспарентност и одговорност во политичките процеси“, финансиран од Национален фонд за демократија (National Endowment for Democracy).

Во отворени сесии за јавноста, како специјални гости на семинарот беа поканети и говореа градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, активистот за човекови права, Бранимир Јовановиќ, како и Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.

Појаснувајќи ја врската помеѓу НВО секторот и општината, Коцевски истакна дека вистинска демократија не може да има без развиен граѓански сектор.
„Од успешната соработка со граѓанските организации мое да произлезе подобар живот за граѓаните,а од друга страна тоа ќе биде гаранција дека општините работат транспарентно и отчетно“, истакна Коцевски.

Како реномиран експерт за финансии и член на Институтот за општествени и хуманистички науки, Јовановиќ направи анализа на главната тема и односот меѓу ветеното и исполнетото во изминатиот период.

Џабир Дерала, ги презентираше главните цели на проектот „Граѓански објектив: Транспарентност и одговорност во политичките процеси“ и преку презентации ги претстави примерите за злоупотреби на јавните ресурси и коруптивното однесување на политичките партии и нивните функционери.

Излагањата на гостите можат да послужат како добра основа за идни активности на граѓанските организации и градење меѓусекторски партнерства за постигнување на повисока транспарентност и одговорност во политичките процеси на локално и национално ниво.

За време на семинарот, гостите одговараа на поставените прашања од присутните граѓани и медиуми на теми што се од интерес за јавноста.