На денешната прес конференција што градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја одржа по повод вчерашниот голем пожар што го зафати подрачјето околу езерото Младост, ја информираше велешката и македонската јавност дека пожарот е ставен под контрола.

„Во колективната меморија на велешани, вчерашниот ден ќе биде запаметен како еден од најтажните денови во однос на претрпени штети предизвикани од пожар настанат од невнимание” изјави градоначалникот Коцевски.

Тој ја сподели информацијата добиена од надлежните безбедносни органи дека се преземени сите активности околу утврдување на причинителот на настанатиот пожар.

„Дозволете со конкретни податоци да ја информирам јавноста преку вас, медиумите, околу немилите настани што се случија вчера. Во текот на вчерашниот ден околу 11ч и 30 минути избувна пожар на почетокот на езерото, покрај автопатот Скопје-Велес кој поради силината на ветерот се прошири во правец на с. Новачани.Не сакам да навлегувам во детали, но имам сознанија, дека четири градежни работници дале изјави дека тие се сторители на настанатиот пожар заради невнимание при изведување на браварски работи со брусилица. Искрите кои излетале ја запалиле околната трева и настанал пожар кои тие потоа не можеле да го контролираат. Какви ќе бидат понатамошните постапки, во наредниот период ќе информираат надлежните државни органи”.

Во акцијата за спас на езерото „Младост” беа вклучени повеќе од 300 лица. Акцијата траеше до доцна во ноќта и заврши околу 00:40 часот.

„На терен веднаш излегоа припадниците на Територијалната противпожарна единица од Велес. Поради интензитетот на пожарот беше побарана помош од Армијата. Во пресрет излегоа и припадниците од воздухопловната бригада на Армијата и Командата за обука и доктрини од Центарот за индивидуална обука кои испратија два хеликоптери.

Во акцијата со човечки ресурси и механизација се вклучи и ЈКП Дервен, припадници на Дирекцијата за спасување и заштита кои учествуваа со авиони- канадери. Во текот на ноќта дежураа екипи од ЈП „Национални шуми“, како и припадници на министерството за внатрешни работи кои го регулираа сообраќајниот режим” изјави Коцевски.

Во свое лично име, во името на Советот на Општина Велес како и во името на сите граѓани на Велес, Коцевски упати јавна благодарност до сите институции, установи, приватни компании и поединци кои несебично се вклучија во справувањето со огнената стихија преку брзото реагирање и ставање во функција на својата механизација, човечките ресурси со кои располагаат и пружија неопходна логистичка поддршка.

„Сакам да изразам огромна благодарност и до градоначалниците на Град Скопје и на општините Штип, Свети Николе, Неготино, Кавадарци, Прилеп и Гевгелија кои несебично ги ставија на располагање своите капацитети на територијалните противпожарни единици” рече Коцевски.

Коцевски изрази благодарност и до Радмила Шеќеринска, заменик претстедател на Владата и министерка за одбрана, до потпретстедателот на Владата, Кочо Анѓушев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Градоначалникот Коцевски извести дека во текот на ноќта и во текот на денешниот ден сите екипи се на терен и дежураат заради тоа што на многу места има тлеење на мали жаришта и се работи на гаснење на овие жаришта.

За активностите кои се преземаат од рано утринава, пак, Коцевски изјави дека на терен се припадниците од ШС „Бабуна“, Дирекцијата за заштита и спасувања, ТППЕ, Црвен Крст и дека двата армиски хеликоптери дејствуваат за изгасување на жариштата.

Коцевски упати апел до граѓаните да не навлегуваат во опожарените подрачја, бидејќи температурата на почвата е многу висока, а во поладневните часови кога температурите ќе бидат повисоки постои опасност пожарот да се реактивира од овие жаришта.

Во однос на патниот сообраќај Коцевски информираше дека патот кон езерото е прооден и дозволен за употреба, но се препорачува внимателно управување со моторните возила. Исто така и автопатот Скопје – Велес е во употреба и дозволен за сообраќај.

Во однос на причинетата штета, Коцевски информираше дека изгорена е 200 хектари шума од црн бор на возраст од 30 до 50 години. Десет до петнаесет хектари багрем и нискостеблести растенија.

„За среќа нема повредени ниту човечки жртви, но беше опожарена една викендица и една фарма, а има и оштетувања во дворот на една компанија” потенцираше Коцевски.

Во однос на мерките кои ќе бидат преземени за ревитализација на просторот околу езерото, Коцевски истакна дека до крајот на годинава ќе се исчистат опожарените подрачја од изгорените дрва, ќе се подготви почвата и ќе се засадат нови насади на површина до 50 хектари. Во рок од една до една и пол година, пак, според информациите од ЈП „Македонски шуми” – ШС „Бабуна”, цела површина на езерото ќе биде обновена со дрвни видови како на пример багрем, кои во вакви ситуации, сами се обновуваат по природен пат.