На 39-та седница, Советот на Општина Велес усвои иницијатива за преземање активности за ревитализација на опожарениот дел од локалитетот Езеро Младост.

Покрај извештајот за целокупната состојба, мерките предвидуваат подготовка на акционен план за расчистување на теренот и пошумување, формирање на координативно тело со учество на Општина Велес, територијалната противпожарна единица, подружницата на Шумско стопанство “Бабуна“, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и ЈКП „Дервен“.

Иницијативата предвидува организирање на масовна акција за пошумување, отворање на донаторска сметка, 24 часовен кампинг и надзор на локалитетот Езеро Младост како и поставување на хидранти, на повеќе локации на локалитетот.

На седницата, советот го усвои Кварталниот извештај за периодот од први јануари до први јуни 2019 година како и предлог – одлуката за усвојување на физибилити студија и започнување постапка за доделување договор за јавно-приватно партнерство за реконструкција и ревитализација на Офицерскиот дом во Велес.

На седницата беа усвоени и решенијата за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици во основните и средните училишта во општината.