Средба на градоначалникот Коцевски со францускиот амбасадор Тимоние

Градоначалникот Аце Коцевски попладнево оствари средба со Амбасадорот на Република Франција Кристијан Тимоние. Успешната билатерална  соработка со општините и здруженијата на граѓани, тековните и планираните проекти беа во фокусот на средбата.

Градоначалникот Аце Коцевски изрази задоволство од успешната соработка со Република Франција, особено со Нормандија, Алзас и Француската асоцијација на градови и пејсажи. Од своја страна, Амбасадорот Тимоние даде поддршка на започнатите иницијативи за донација на хуманитарна помош за болницата во Велес од страна на асоцијацијата АЛМА од Алзас, како и можноста Алзас да се претстави на фестивалот на пити и вино во Велес, а Велес и регионот да ги презентираат своите потенцијали на саемот во Колмар, Алзас.

„Овде сум за да ја поддржам целокупната  работа на невладините организации, особено онаа  од Алзас. Се радувам на оваа иницијатива и на поддршката што не изостанува од Ваша страна. Тоа е суштината на Европа, создавање на таа европска  солидарност и приателство помеѓу народите. Бидете позитивни као што сме и самите ние“, порача Амбасадорот Тимоние.

На средбата стана збор и за европските перспективи и задачите што треба да се   исполнат  за да се достигнат европските  стандарди. „Во свое лично име и во име на Советот на Општина Велес, би сакал да ви изразам голема благодарност за поддршката на Република Франција на патот кон ЕУ“, рече Коцевски. Тој изрази надеж за продолжување на успешната соработка.