Основни информации и карактеристики на Општина Велес


територијална организација на  Р.МакедонијаВелес, како урбана населба постои од 168 год. п.н.е. Во текот на историјата градот често го менувал името од Вила Зора, преку Ќупурли до Велес. Денешното име го добил во VII век со доаѓањето на Словените на Балканот, од словенското ВЕЛЕС што значи в шума (заради густите шуми што го опкружувале).

Во Велес се отворени првото училиште на македонски јазик, првата гимназија, првиот театар, правата библиотека, првиот музеј и првото музичко училиште. Меѓу зачуваните средновековни споменици најпознат е манастирот Св.Димитрија (XIV век), а како архитектонска вредност, најпозната е црквата Св.Пантелејмон (XIX век)

Најголема туристичка атракција во Општината е античкиот град Стоби. Покрај тоа, значајни се локалитетот Бреза и локалитетот Пешти кој изобилува со пештери (со археолошки остатоци од неолитот, ранохристијански пештери).

Во Општина Велес има осум основни и четири средни училишта спортско игралиште, спортска сала, базен, театар, музеј, библиотека, кино-сала, десет цркви и манастири и џамија.

Општината Велес се наоѓа во централниот дел на Република Македонија. До 1996 година општината зафаќаше површина од 1.552 км2 или 6% од територијата на државата.

Со територијалната поделба на Република Македонија од 1996 година , од Општина Велес се издвоени новоформираните општини Богомила, Градско, Чашка и Извор, така што таа зафаќаше територија од 553 км2 , односно 2,1% од територијата на Македонија.

Со новата територијална поделба од 2004 година, картата на Општина Велес повторно се измени и сегашната територија, што ја зафаќа Општина Велес, е со површина од 464,5 км2.

 

Велес е позициониран на 41. 43' г.ш. и 21. 46' г.д., и на надморска висина од 175 м. Географската поставеност на градот е многу поволна и нуди цела низа позитивни околности.

Се наоѓа во централниот дел на Р.Македонија, во средното течение на реката Вардар, на надморска височина од 150 до 260 метри. Велешката котлина се наоѓа во централниот дел на Р.Македонија. Од сите страни е заградена со ниски ридови, кои ја одвојуваат од Овче Поле на исток и од Хашката Котлина на запад. На запад се ридовите Гроот (675м) и Баир (461м), додека на исток се Св. Илија (565м), Кршла (420м) и Барјаче (448м). На север преку Таорската клисура на реката Вардар е поврзана со Скопската котлина, додека на југ Велешката клисура е поврзана со Тиквеш. Котлината се протега на надморска височина од 165м. Зафаќа површина од 47км2. Во јужниот дел на Велешката Котлина е лоциран градскиот центар Велес.