Климатски услови

Отвореноста на општината кон север и честите продори на студени континентални воздушни маси во зимскиот дел од годината условуваат појава на ниски температури на воздухот и владеење на континентална клима со просечна годишна температура од 12 до 15 степени Целзиусови.

Доминантните ветришта се од север и северозапад со зачестеност од 168, односно 152 промили и средногодишна брзина од 2,7 односно 2 метри во секунда. Најсилен ветар дува од северозападен правец со јачина од 9 бофори.

Просечното годишно количество на врнежи изнесува 477 мм. Во текот на годината врнежите најмногу се застапени во месец ноември, а најмалку во месец август, и тоа со 61,4 односно 24,7мм просечен атмосферски талог. Снежната покривка се задржува просечно по 12 дена годишно. Годишната просечна релативна влажност изнесува 70%, при што највисока е во зимските месеци со просек од 86%, а најниска во летните месеци со просек од 55%. Просечното годишно траење на сончевиот сјај изнесува 2 148 часови. Маглата не е честа појава и просечно ја има по 13 дена во годината.