Соопштенија

ЈАВЕН ОГЛАС бр. 01/2015 за добивање право за поставување на билборди и рекламни паноа

Врз основа на Програмата за поставување на урбана опрема на територијата на Општина Велес ("Сл.гласник на Општина Велес" бр. 4/14), а во согласност со Одлуката за утврдување на почетна цена за поставување на билборди и рекламни паноа на територијата на град Велес („Сл.гласник на Општина Велес" бр. 15/14), донесени од Советот на Општина Велес,

Општина Велес објавува

ЈАВЕН ОГЛАС бр. 01/2015
за добивање право за поставување
на билборди и рекламни паноа

1. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ОГЛАС

Предмет на овој оглас е добивање право за поставување на билборди и рекламни паноа на територијата на град Велес, по пат на јавно усно наддавање (во понатамошниот текст -билбордите).
Локациите и бројот на билбордите се утврдени во Програмата за поставување на урбана опрема на територијата на град на Велес за 2015 година.

Поставувањето на билбордите или друг тип на рекламни паноа ќе зависи од просторот/ локацијата на која треба да бидат поставени и можат да бидат различни со цел да не се попречува сообраќајот и движењето на пешаците. За видот и големината ќе биде изготвен посебен елаборат, на кој согласност дава Општината.
Предметот на јавниот оглас-локациите се делливи и поделени во 2 (два) пакета и секој пакет претставува посебен дел и за секој од нив се доделува право за поставување на билборди, за кои се издава одобрение за поставување и се склучува договор.
Локациите за поставување на билбордите се дефинирани со вкупен број 41, и се определуваат во два пакета и тоа:

  • Пакет 1, со вкупно 21 локации-утврдени со реден број од 1, 3, 4, 11, 12, 14, 16, 17, 18, 20, 22, 24, 25, 27, 28, 29, 32, 35, 36, 38 и 40, согласно микролокацијата составен дел на овој оглас.
  • Пакет 2, вкупно 20 локации-утврдени со реден број од 2, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 13, 15, 19, 21, 23, 26, 30, 31, 33, 34, 37, 39 и 41, согласно микролокацијата составен дел на овој оглас.

2. РОК И ЦЕНА ЗА ПОСТАВУВАЊЕ

Правото за поставување на билбордите се определува за период од 5 (пет) години.

  • Почетна цена за Пакет 1. изнесува 500.000 денари годишно.
  • Почетна цена за Пакет 2. изнесува 500.000 денари годишно.

Понудената цена за добивање право за поставување на билбордите од страна на понудувачот треба да биде изразена во денари.
Најповолниот понудувач во постапката за јавно наддавање, по завршувањето на постапката е должен понудената цена да ја исплати по 10 дена од денот на склучување на договорот и ќе се однесува за првата година од добивањето на правото за поставување. Начинот на плаќање за наредните години за правото за поставување на билборди ќе биде регулиран во договорот.
За понатамошниот начин на плаќање на правото, понудувачот е должен да достави банкарска гаранција во висина од 5% од постигнатата цена, на усното јавно наддавање.
Понудувачот кој ќе го добие правото за поставување, покрај цената која е постигната со усното јавно наддавање, должен е на сметка на општината да уплаќа и годишна комунална такса од 1200,оо денари по боблборд како и надоместок за потрошена електрична енергија доколку постави осветлување на истите.
3. ВРЕМЕ И МЕСТО НА ОДРЖУВАЊЕ НА ЈАВНОТО НАДДАВАЊЕ
Постапката за доделување на право за поставување на билбордите ќе се спроведе по пат на усно јавно наддавање – лицитација што ќе се одржи во просториите на Општина Велес, на ден 28.05.2015 година(четврток) и тоа:

  • За пакет-локации со број 1 во 12:00 часот и
  • За пакет-локации со број 2 во 13:00 часот.

4. ПРАВО НА УЧЕСТВО НА УСНОТО ЈАВНО НАДДАВАЊЕ
Право на учество на јавниот оглас имаат домашни и странски правни и физички лица, кои се регистрирани за обавување на дејност рекламирање и огласување како претежна дејност со оперативно искуство на надворешно огласување од минимум 2 години во земјата и/или странство, под услови утврдени со јавниот оглас.
Јавниот оглас трае 15 дена од денот на објавувањето.
Право на учество на усното јавно наддавање – лицитација имаат сите домашни и странски правни и физички лица, кои најдоцна до денот на јавното наддавање ќе положат и ќе достават потврда за уплатен гарантен депозит до Комисијата, како и докази дека ги исполнуваат условите за учество на јавното наддавање.
Депозитот изнесува 10% од почетната цена утврдена за пакетот и треба да биде изразена во денари и се уплаќа на сметка: Буџет на Општина Велес 711014100963010, приходно конто 725939. За уплатениот депозит, се доставува потврда, која треба да се приложи со докуметите за идентификација на денот на јавното наддавање.
Сите заинтересирани субјекти можат да ја симнат пријавата за учество од веб страната на Општината (дополнувањето и миколокациите).
На јавното наддавање – лицитацијата може да учествуваат само понудувачите кои имаат доставено документација за јавниот оглас и имаат уплатено гарантен депозит.
Комисијата за спроведување на постапката во рок од 5 дена пред оддржување на јавното наддавање – лицитација писмено-по електронска пошта ги известува кандидатите што ги исполнуваат условите за учество на јавното наддавање.
Секој понудувач може да учествува во јавното наддавање со давање понуда за еден или за двата пакети од предметот на јавниот оглас.
Јавниот оглас се смета за успешен и во случај ако само за еден од пакетите биде избран најповолен понудувач.
По завршувањето на постапката Комисијата доставува предлог до Градоначалникот на Општина Велес, за избор на најповолен понудувач со предлог за склучување на договор.
5. ПОСТАПКА И УСЛОВИ ЗА УСНО ЈАВНО НАДДАВАЊЕ
Постапката започнува со утврдување на доставениот депозит и идентификација на учесниците во наддавањето (лична карта, пасош, писмено овластување односно полномошно заверено на нотар), што ги исполниле условите за учество во јавното наддавање.
Постапката започнува на начин што прво се наддава за Пакетот –локации со бр.1 со понудување на минимално прво наддавање, при што наддавањето трае се додека не се постигне последната највисока цена.
По завршувањето на наддавањето по првиот пакет во определеното време се продолжува на ист начин со наддавање и Пакет-локации со бр. 2.
Чекорот на наддавањето за пакетите со локации не може да биде помал од 50.000 денари.

6. ДОКУМЕНТАЦИЈА која треба да се приложи:

  • доказ за идентитет (лична карта или патна исправа) – за физички лица, односно извод од регистрација за правни лица;
  • уверение од надлежен суд дека не е под стечај во оригинал или заверена копија кај нотар и не постара од 6 месеца;
  • потврда од Управата за јавни приходи за платени даноци, придонеси и други јавни давачки, оригинал или копија заверена кај нотар и не постара од 1 месец;
  • докажување на искуство на надворешно огласување од минимум 2 години во земјата и/или странство и
  • доказ за уплатениот износ-депозит за учество на огласот.

7.ПОСТАПКА ПО ЗАВРШУВАЊЕ НА УСНОТО ЈАВНО НАДДАВАЊЕ
Градоначалникот на Општина Велес и најповолниот понудувач, склучуваат договор во кој покрај начинот на плаќање на постигнатата цена, посебно се утврдуваат правата и обврските на договорните страни.
Доколку најповолниот понудувач се откаже од склучувањето на договорот ќе му се реализира гарантниот депозит.
Комисијата по завршување на јавното наддавање, ќе го врати положениот депозит на оние учесници во наддавањето чии понуди не се прифатени.
На понудувачите депозитот им се враќа во рок од 15 дена од денот на јавното наддавање.
Договорот со најповолниот понудувач се потпишува во рок од 15 дена по завршувањето на постапката за добивање на правото за поставување на билбордите.

8.НАЧИН НА ДОСТАВА НА ПОНУДАТА

Понудата да биде доставена во затворен коверт, на кој во левиот горен агол ќе стои „не отворај” и бројот на огласот.
Во средината на ковертот да се назначи точната адреса -Комисија за водење на постапка за поставување на билборди и рекламни паноа на територијата на град Велес.
Понудите се доставуваат во еден оригинален примерок заверен и потпишан од страна на одговорното лице на понудувачот. Ковертот не смее да содржи никаква ознака со која би можел да се идентификува испраќачот - понудувачот. Ковертот треба да содржи два затворени коверта. Првиот внатрешен коверт ја содржи понудата со финансиската документација и носи ознака “понуда”, а вториот внатрешен коверт ја содржи техничката документација и носи ознака “документација” и точната адреса на понудувачот.
Во понудата треба да биде наведено:

  • точната адреса на испраќачот-понудувачот (податоци за контакт) и лице потписник;
  • понудена цена за добивање право за користење изразена во денари и
  • други понуди или поволности во интерес на Општината.

Некомплетната понуда нема да биде предмет на разгледување од Комисијата.
Рок на доставување на понудата е 15 (петнаесет) дена сметано од денот на објавувањето на огласот на адреса ул.„Панко Брашнар” бр.1 Велес или најдоцна еден час пред отварањето на понудите на денот на јавното отворање.
На денот на отворањето на понудите треба да презентираат документи за идентитет и тоа:

  • заверено полномошно за претставници на правните лица;
  • лична карта за физички лица;
  • потврда за платен депозит.

Подетални информации заинтересираните лица можат да добијат на тел: 043-232-406 локал 115 и 109.

Бр. 02 - 3065/1
05.05.2015 година
Велес

ОПШТИНА ВЕЛЕС


Локации за билборди

Појаснување