Соопштенија

ОДЛУКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ ИТНИ МЕРКИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО НА АМБИЕНТНИОТ ВОЗДУХ ВО ОПШТИНА ВЕЛЕС

Врз основа на член 26 од Законот за квалитетот на амбиентниот воздух („Службен Весник на РМ" бр. 67/04, 92/07, 35/10, 47/11, 59/12, 100/12, 04/13, 10/15 и 146/15), член 22, став 2 од Законот за локалната самоуправа („Сл. весник на РМ“ бр. 05/02), а согласно член 45, став 1 од Статутот на Општина Велес („Сл. гласник на Општина Велес“ бр.12/06, 03/09,18/10 и 15/14), Советот на Општина Велес на седницата одржана на ден 27.11.2017 година, донесе

ОДЛУКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ ИТНИ МЕРКИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО НА АМБИЕНТНИОТ ВОЗДУХ ВО ОПШТИНА ВЕЛЕС

Член 1

Со оваа Одлука се донесуваат ИТНИ мерки за намалување на загадувањето на амбиентиот воздух на територијата на Општина Велес.

Член 2

ИТНИТЕ мерки се составен дел на Планот за квалитет на амбиентниот воздух на територијата на Општина Велес (2018-2022) и се следните:
• Се информираат правните и физичките лица дека користењето на несоодветни и опасни материјали (гуми, пластика, делови од мебел и др.материјали премачкани со боја и лепило, отпадно масло од автомобили и сл.) за греење во домаќинствата и индустријата е забрането;
• Се информираат правните и физичките лица дека палењето оган на отворено, палењето контејнери или стрништа е забрането;
• Се информираат трговските и угостителските субјекти дека доставувањето и однесувањето на стока до објектите, надвор од одредениот режим утврден со Одлука е забрането;
• Индивидуалните домаќинства и домаќинствата во колективни станбени згради преку заедницата на станари, како и јавните установи се должни да вршат редовно чистење на оџаците;
• Се препорачува на ЈКП Дервен да врши редовно миење на улиците и тротоарите во вонредни околности (при зголемено аерозагадување);
• Се препорачува на граѓаните користење на јавен превоз, како и користење на едно возило од повеќе лица;
• Се задолжува Општина Велес да дистрибуира летоци со содржина за начинот користење и одржување на ложиштата, складирање на огревниот материјал и сл.
• Се задолжува Општина Велес, преку своите комунални редари да врши ефективна контрола на загадувањето на воздухот по службена должност, како и по пријава од страна на граѓани;
• Се препорачува на надлежниот орган за регулирање на сообраќајот да врши почести регулирања на сообраќајот посебно на т.н. „тесни грла во градот„ –главните сообраќајници;
• Се препорачува на надлежниот орган за регулирање на сообраќајниот режим (МВР СВР) да ги упати на дополнителен технички преглед сите возила, посебно тешки товарни возила (камиони и автобуси), кои не ги задоволуваат основните стандарди за емисии на загадувачки материи во воздухот;
• Се препорачува на индустриските капацитети да го намалат своето производство, посебно во попладневните часови, кога загадувањето е најголемо, како и да се врши зголемена контрола од страна на Инспекторатот за животна средина;
• Се повикуваат граѓаните на Општина Велес, да го пријават на ДЕЖУРНИОТ МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН секое палење гуми, кабли, отпад, стрништа, пластика или друг опасен отпад, а на бројот „192“ да пријават возила кои оставаат впечаток дека не ги задоволуваат основните стандарди за емисии на загадувачни материи во воздухот;
• Во случаи на екстремно загадување (поминување на прагот на алармирање) најавено од општината, им се препорачува на граѓаните да останат во своите домови.

Член 3

Со донесувањето на ИТНИТЕ мерки се задолжува Општина Велес да ги објави на локалните медиуми и својата веб страна и да ја следи состојбата со квалитетот на воздухот.

Член 4

Оваа Одлука влегува во сила наредниот ден од денот на донесување, а ќе се објави во „Сл. гласник на Општина Велес“.

Образложение
Планот за квалитет на воздухот се однесува за времето 2018-2022 година , но е потребно искористување на препораките и ставање во сила на краткорочните мерки веднаш, со цел да се намали загадувањето на воздухот во тековната сезона – крај на 2017 г.

Предлагач,
Ненад Коциќ - член на СОВ