Соопштенија

22.06.2018 - Ден на жалост во Велес

Советот на Општина Велес на вонредната седница одржана на 21 јуни годинава донесе едногласна одлука 22 јуни 2018 година (петок), денот кога ќе се погребаат посмртните останки на трите малолетни деца што го загубија животот во пожар да се прогласи за Ден на жалост во Велес.

„Во мое лично име и во име на советот и сите граѓани, изрази на длабоко сочувство до семејството, роднините и пријателите за огромната и ненадоместлива загуба што се случи по пожарот во текот на вчерашниот ден“, рече градоначалникот Аце Коцевски образложувајќи го неговиот предлог.

Со едногласната одлука на Советот утре знамињата ќе бидат истакнати на половина копје, сите културни и спортски манифестации ќе се одложат, а угостителските објекти ќе емитуваат сериозна музика. На седницата која започна со едноминутно молчење во израз на почит кон трагично загинатите деца, Советот на Општина Велес донесе решение на семејството на Никола Давчевски да му се додели еднократна парична помош во висина од 100.000 денари.

Воедно општината ќе ги покрие трошоците за обезбедување гробно место во висина од околу 13.000 денари. Градоначалникот Коцевски ги извести членовите на советот дека веќе договорил со директорот на ЈКП „Дервен“, Стефан Антониевски, највозрасниот син во семејството што доживеа трагедија да се вработи во јавното-комунално претпријатие. Посмртните останки на трагично загинатите дечиња ќе бидат погребани утре на градските гробишта во Раштани.