Соопштенија

Езерото „Младост“ безбедно за капачите

На 17-та седница на Советот на Општина Велес одржана на 9 јули годинава, помеѓу 21 точка на дневниот ред, беше разгледана информација на велешкиот Центар за јавно здравје за санитарно-хигиенската состојба на езерото „Младост“ во 2017 година.

Како што е наведено во информацијата, во рамките на испитувањата земени се 20 мостри од 5 мерни места и направени се физичко – хемиски и бактериолошки анализи согласно уредбите за класификација на водите и категоризација на водотеците, езерата, акумулациите и подземните води.

Според испитувањата, водата во езерото „Младост“ е со одличен квалитет (I-II категорија) и безбедна е за капење и рекреација. Стручните лица од Центарот за јавно здравје препорачуваат дополнително уредување на крајбрежниот појас, поставување на санитарии, управување со отпадот и други мерки кои би придонеле за уште поголема заштита на езерото кое го користат многу граѓани, особено во летниот период. Општина Велес веќе спроведува активности и работи на проекти за развој на езерото „Младост“ како најатрактивен транзитен центар на коридорот 10.