Во сабота, 12 септември, Велес ќе биде домаќин на седмиот традиционален  пливачки маратон на езерото Младост како финална трка во националниот куп во далечинско пливање, соопшти денеска  градоначалникот Аце Коцевски.

„Со почитување на протоколите за заштита, во интерес на континуираниот развој на спортот и годинава ќе го организираме традиционалниот велешки пливачки маратон на езерото Младост.За Велес е од особено значење фактот што и оваа година сме домаќини на финалето на националниот куп што потврдува дека  Велешкото езеро Младост прераснува во значајна туристичка, но и спортска и рекреативна атракција“, рече Коцевски на денешната прес-конференција. Тој упати јавна благодарност до Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28” од Велес и Националната пливачка федерација за успешната организација како и до спонзорот  „Ротари клуб“ – Велес и поддржувачите на маратонот. Воедно, градоначалникот апелираше до сите заинтересирани посетители на настанот да се придржуваат до мерките за заштита од Ковид 19.

Иле Попов, претседател на Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ рече дека за првпат оваа година ќе има млади пливачи под 12 години, а професионалните пливачи ќе пливаат на 2500 метри. Манифестацијата ќе биде организирана во согласност со протоколите на Националната пливачка Федерација.

Според најавите, на маратонот ќе учествуваат 50 пливачи во професионална конкуренција, 20 млади под 12 години и 20 рекреативци.

Ќе се одржат вкупно шест трки, во три категории:

2,5 км – категорија 12-14 години,

5 км – категорија А 15-17 години и

Категорија Б 18 години и постари

 

Настанот ќе започне во 10 часот, во близина на ресторанот „Бела вода“. Финалето на македонскиот куп во  во далечинско пливање на 2500 метри ќе започне во 11:30 часот. Доделувањето на наградите е најавено во 14 часот.

Општина Велес го поддржа пливачкиот маратон со средства во висина од 200.000 денари, од буџетот на општината.