Водоводна мрежа со должина од околу четири километри и  канализациона мрежа со должина околу 300 метри, на десетина улици во Велес ќе бидат заменети во текот на 2020 година.

Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната посета на терен направија увид во градежните работи, кои се дел од проектот финансиран од Европската Инвестициона Банка, а се реализира преку Министерството за транспорт и врски.

„Oд страна на Општина Велес редовно се преземаат активности за реконструкција на застарени водоводни и канализациони линии, линии со чести дефекти и изградба на нови водоводни и канализациони линии со цел подобрување на водоснабдувањето на корисниците во Велес, како во квалитет така и квантитативно. Резултатите од овој проект ќе придонесат за подобар и поквалитетен живот на велешани” изјави пред претставниците на медиумите министерот Сугарески.

„Овој проект се состои од реконструкција на неколку проблематични водоводни линии вдолж улици во градот Велес, како и реконструкција на две проблематични канализациони линии. Проектот започна со реализација на 19 ноември 2019 година и е со рок за изведба од 18 месеци” изјави градоначалникот Коцевски.

Проектот овозможува реконструкција на водоводните линии на улиците „8 Март”, „Богдан Каракостев”, „Благој Јосмов”, „Славјанска”,  „Даме Груев”, „Орце Мартинов”, „Костурска”, „8 Септември” и улица „Титова Ужичка”, како и реконструкција на канализационите линии на улиците „Јовче Чучук”, „Орце Шутев” и „Страшо Пинџур”.

Финансиската рамка на проектот е определена согласно со предвидената инвестициска вредност на истиот и изнесува вкупно 38.414.691,00 денари со вклучен ДДВ, која е дефинирана согласно со склучените договори по извршени јавни набавки. Изведувач на работите е „Делта пром инг” ДОЕЛ Велес, а надзор над изведбата е Градежен Институт Македонија АД  Скопје.