Со положување букети цвеќе пред споменикот на Панко Брашнаров, денеска беа одбележани 69 години од смртта на овој голем револуционер, народен учител и учесник во двата Илиндена,.

Пред неговиот споменик, во знак на почит и благодарност, во име на сите граѓани, букети цвеќе положија градоначалникот Аце Коцевски, претставници на Советот на Општина Велес и општинската админстрација.

Поради состојбата со Ковид 19- одбележувањето на денот на смртта на Брашнаров се организираше во редуцирано присуство на претставници на локалната самоуправа.

Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Учесник е во најзначајните историски моменти во битката на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден,  Балканските, Првата светска војна до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ. По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото Брашнаров е  приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток каде што починал на 13 јули 1951 година.

Панко Брашнаров е човечки израз  на македонската самобитност, непокор и желба за живот во самостојна и независна држава. Со оглед на неговото големо значење како великан на македонскиот народ, Општина Велес со поддршка од државата ќе продолжи со заложбите за идентификација и што поскоро враќање на неговите посмртни останки во родниот Велес.