Делегација предводена од претставници од основното  училиште „150“ од Букурешт, Република Романија денес беа на прием кај Градоначалникот на Општина Велес. Гостите од Романија престојуваат во рамките на е-твининг проект кој го реализираат во соработка со ООУ „Блаже Конески“ од Велес. На средбата со Коцевски меѓу другото се дискутираше за продлабочување на соработката и размена на искуства во воспитно- образовниот процес помеѓу основните училишта од двете држави.

По средбата гостите заминаа на езеро Младост на пошумување на опожарените места каде засадија 96 садници на јавор и јасен во знак на солидарност со своите македонски партнери по повод немилите настани кои го зафатија езерото во август годинава.  Дел од садниците беа обезбедени преку Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието кој се реалиаира во ООУ „Блаже Конески”, а дел ги обезбеди училиштето од Романија. На акцијата учествуваа и голем број на ученици и наставници од основните општински училишта „Блаже Конески“ од градот Велес  и „Рајко Жинзифов“ од село Горно Оризари.

Општината изразува благодарност за овој хуман гест од страна на романското училиште и се заблагодарува на сите учесници во акцијата за пошумување. Акциите од овој вид ја развиваат граѓанската свест и одговорност кај  учениците кон животната средина, а истовремено доведуваат до подобрување на нивните интеркултурни вештини преку комуникација и споделување искуства со своите врсници.