На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја пренесе информацијата од дваесет и шестата седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување за епидемиолошката состојба во Велес.

„Алармантна е ситуацијата и вирусот е широко распространет”, изјави Градоначалникот пред медиумите. Како проблем тој го посочи фактот што дел од заразените не можат точно да посочат и утврдат каде се заразиле.

Во Велес вкупниот број на регистрирани од Ковид-19 случаи изнесува 446 заразени, од кои 322 оздравени и 20 починати. Во моментот, 106 лица се водат како активни случаи, од кои 79 се на наоѓаат на домашно лекување, 29 се хоспитализирани на Инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница – Велес, двајца се лекуваат во Инфективната клиника во Скопје, двајца во Градската општа болница во Скопје, еден на Клиниката за ОРЛ и тројца во приватни клиники во Скопје.

„Во текот на ноќта, како последица од Ковид-19, во ЈЗУ Општа болница – Велес починаа тројца пациенти, двајца од Велес и еден од Свети Николе. Сериозна е состојбата во велешката болница, каде доаѓаат пациенти со тешки симптоми, а капацитетот се исполнува. Се размислува физикалното одделение да се пренамени за пациенти со Ковид-19”, истакна Коцевски.

До 10:30 часот утрово во Велес се потврдени осум нови случаи на лица заразени со Ковид-19, а тројца се оздравени, додаде тој.

На Инфективното одделение во болницата во Велес хоспитализирани се 35 пациенти, од кои 33 се потврдени позитивни случаи на Ковид-19, двајца се негативни, но имаат потешка клиничка слика. Од нив, 24 се од Велес, шест од Свети Николе, двајца од Градско, двајца од Демир Капија и еден од Неготино.

Градоначалникот ја извести јавноста дека три медицински сестри од Инфективното одделение, еден вработен во анестезиолошката служба и еден работник во ЈЗУ Општа болница – Велес се позитивни на Коронавирусот.

Воедно градоначалникот Коцевски упати апел до жителите на Општина Велес, за почитување на мерките и протоколите за заштита од ширење на Ковид-19.