Со дефиле на ансамблите и фолклорните друштва од земјава и странство, вчеравечер започна 18 по ред Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2023“. Велешани со срдечни аплаузи ги пречекаа и им посакаа добредојде на играорците од Мексико, Северен Кипар, Словачка, Хрватска, Босна и Херцеговина, Турција, Македонија.
Амфитеатарот во Младински парк беше преполн со љубители на изворниот фолклорен мелос и традиционалните фолклорни носии. Граѓаните уживаа во звуците на нашите песни и ора како и со традиционалната изворна музика на гостите учесници на фестивалот.
Вечерва ќе се одржи втората фестивалска вечер на која ќе настапат „Распеани пензионери“ – Македонија, КУД „Младост“ од Босна и Херцеговина, КУД „Стоби“ Македонија, КУД „Пакленица“ од Хрватска, Фолклорниот Ансамбл „Тореон“ од Мексико, претставници од музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски Луј“. Организаторите најавија и големо изненадување за верната публика на фестивалот.
Интернационалниот фолклорен фестивал ќе трае до сабота, дотогаш Велес ќе живее во духот на богатата фолклорна ризница на различните народи.