Нема потреба од дигање на паника и вознемиреност, и порача на јавноста Градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција , откако вчера излезе информацијата за граѓанин на Велес заразен со Делта сојот на Ковид 19. Тој објасни дека пациентот е во добра здравствена состојба и дека по враќањето од Англија не бил во контакт со други лица освен со својата сопруга која засега не покажувала никакви симптоми на вирусот.

„Во болницата е хоспитализиран во карантин, во посебно одделение за да нема контакт со другите пациенти, се наоѓа во добра здравствена состојба“, додаде Коцевски.

Коцевски им порача на граѓанките и граѓаните на Велес да не заборават и понатаму да ги почитуваат препораките од Комисијата за заштита од заразни болести,  и ги повика да ја искористат можноста сите оние што досега не се вакцинирале, да се вакцинираат во пунктот во Велес. Од денес тоа можат да го направат без да се пријавуваат на сајтот вакцинација.мк туку директно со одење во пунктот. Во пунктот моментално на располагање е вакцината Синовак за прва доза и Фајзер за втора доза.

„Единствен начин да не ни се случи пак голем бран наесен што поголем број од нас да се вакцинираат. Вакцината не значи дека ако дојдеме во контакт со заразен нема да се заразиме туку дека последиците ќе бидат минимални и да ги избегнеме најтешките последици по нашиот живот“, порача Коцевски.

Во пунктот за вакцинација досега се аплицирани вкупно 13.319 вакцини од кои 8.983 граѓани примиле прва доза а со втора доза се вакцинирале 4.336 граѓани на Велес и околните општини.