,,Не дозволувај пепелта
да ми ги голта солзите,
осамата да ми подава рака
иднината да ми затвора врати.”
Ова се дел од прекрасните стихови кои одекнуваа оваа приквечерина во Младинскиот парк во Велес. На традиционалната Велешка поетска вечер свои лични дела прочитаа реномирани поети и писатели, а афоризми поврзани со животот и љубовта прочитаа познати афористичари од здруженијата на писатели и клубови од Битола, Штип, Делчево, Кочани, Скопје, Куманово, Охрид Струмица, Прилеп и Пробиштип.
Михаела Јордановска на флејта, Хорот на пензионери од Велес, Благој Пановски на гитара и естрадниот уметник Алексо Тришевски со своите настапи го збогатија музичкиот дел од програмата.
Во рамки на настанот, поканетите гости положија свежо цвеќе пред споменикот на Кочо Рацин во дворот на Гимназијата што го носи неговото име.
Настанот го организираше Клубот на писатели ,,Коста Солев Рацин” од Велес. Општината и оваа година го помогна одржувањето на оваа манифестација.