Ситуацијата со Ковид -19 во Велес е стабилна, но сѐ уште нема простор за опуштање, препораките за заштита да се почитуваат и да се издржи уште месец до два со кризата. Ваква оценка денеска беше изнесена на триесет и втората седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Кластери нема, но има зголемување на бројот на заразени во последните неколку денови. Причина за тоа се младите кои се собираат во кафетериите. На инфективното одделение во велешката болница моментално се хоспитализирани 18 пациенти од кои 16 се потврдени позитивни. Седуммина од нив се на кислородна поддршка.
„Бројот на лежечки пациенти се намалува и затоа одделението за физикална терапија кое функционираше како ковид центар е затворено моментално, додека одделот „Б“ на интерното одделение сѐ уште прима пациенти позитивни на корона и таму моментално се лекуваат 4 пациенти, двајца потврдени позитивни и двајца непотврдени, информираше Градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција.
Од почетокот на пандемијата до сега во Велес се регистрирани 3056 позитивни на Ковид – 19. Од нив 2.692 се оздравени а 262 се сеуште активни. Како последица на Ковид – 19 во градот починаа 102 лица.
Градоначалникот Коцевски истакна дека интензивно се работи на модуларната болница која во најскоро време треба да биде готова и комплетно подготвена да ги прима пациентите. Тој рече дека велешката болница инвестира во набавка на нови апарати кои во голема мера ќе ги подобрат здравствените услуги.
Инаку состојбата со Ковид -19 во јавните институции, училиштата и градинката е стабилна. Нема значителен број на заразени. Како стабилна е оценета и состојбата со вработените во јавните здравствени установи во градот.