Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, пратеникот во Собранието на РСМ, Панче Иванов и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, денес во просториите на Општина Велес остварија работна средба на која разговараа за идните проекти и можности за развој на локалната економија. По средбата се упатија и извршија увид во динамиката на изведбата на градежните работи на патот во село Сливник.

Основниот проект за изградба на пристапен пат до село Сливник е поделен на три делници во вкупна должина од 5, 2км и ширина од 3 до 4 метри.

„Ова се историски моменти за жителите на с. Сливник. Нивните упорни барања за да се направи овој пат, конечно вродија со плод. Придобивки ќе имаат најмногу жителите на с. Сливник, но и на с. Клуковец, с. Бузалково и на с. Горно Оризари”, потенцираше Коцевски.

„Секогаш кога се гради е задоволство да се види. Дваесет години жителите на населеното место Сливник го чекаа овој пат. Селото Сливник е живо место во кое има и училиште и мали деца. Градоначалникот на Општина Велес експресно го подготви проектот, аплицираше и ефикасно ја завшри јавната набавка. Патот ќе биде готов до крајот на годината, а со тоа практично ќе се подобрат условите за живот во целиот регион, затоа што селото Сливник се поврзува со Клуковец и Бузалково, а воедно и со градот Велес”, изјави вицепремиерот Анѓушев пред медиумите.

„Навистина е задоволство да се види кога една општина знае што сака и има добри проекти. Само неколку дена по потпишувањето на договорот, градоначалникот Коцевски влезе во градежна офанзива. Ова е пример за тоа дека средствата се враќаат на граѓаните и одат таму каде што се најпотребни”, рече Бабовски.

Во Агенцијата само за неколку денови се потпишаа деветнаесет договори во висина од 2.380.000 евра.

Градежните работи на трите делници ќе ги изведуваат компаниите „Изгрев Инженеринг” од Велес и „Ескаватори-МК” од Скопје.

Со овој проект се решава деценискиот проблем кој го имаат граѓаните во овој регион од Велес. Земјениот пат кој досега го користеа ќе прерасне во современ пат со сите содржини што значително ќе го зголеми квалитетот на животот на жителите во овие населени места.

Целосната инвестиција за реализација на овој долгоочекуван проект е во висина од 651.853 евра, од кои Општина Велес обезбеди учество од 99.435 евра, а преку Програмата за рурален развој се обезбедуваат 552.418 евра.

Изјави за медиуми:

Изјава на вицепремиерот Анѓушев: https://youtu.be/pDb7oDEdBtg

Изјава на директорот Бабовски: https://youtu.be/B2WKGtRjH2w

Изјава на градоначалникот Коцевски: https://youtu.be/2zp3Zse3s9g