Едукативно – интерактивни работилници за деца, промотивни и постојани, иновативни и современи сообраќајни решенија на пешачките премини, училиште за велосипеди на отворено, промовирање на пешачка патека, организирање на ноќно возење до езеро Младост, официјално презентирање на Планот за одржлива урбана мобилност (ПОУМ) и означување на Денот без автомобили се дел од активностите кои градоначалникот Коцевски  ги најави на денешната прес конференција, а ќе се реализираат во текот на следната седмица со цел одбележување на Европската недела на мобилност.

„Општина Велес конкурираше и доби проект, за кој беше прворангирана, а финансиски е поддржан од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ). Во рамки на проектот Општина Велес во соработка со здруженија на граѓани, јавни институции и поединци ќе реализира по една активност секој ден, во периодот од 16 до 22 септември и со тоа ќе биде одбележана Европската недела на мобилност ”, изјави градоначалникот Коцевски.

Општина Велес ги повикува граѓаните да се приклучат на сите овие активности, а посебно на Денот без автомобили, во недела (22 септември) кога ќе се одржи завршниот настан, со што ќе се заокружи целата седмица.

Детални информации за секој настан граѓаните можат да прочитаат на интернет страницата на Општина Велес.