Делегација предводена од Известувачот на Комитетот за региони на Европската Унија, Јарослав Хлинка денес оствари работна средба со градоначалникот Коцевски. Комитетот за регионите, со седиште во Брисел, претставува советодавно тело на Европската комисија кое има улога да ги изнесува и предлага ставовите на локалните и регионалните власти во врска со законодавството на ЕУ, по пат на издавање на мислења за предлозите на Комисијата.

Во овој комитет постојат посебни комисии од областа на територијалната кохезиска политика, економско-социјалната политика, оддржлив развој, култура и образование, уставни работи и европско управување и надворешни врски.

На денешната средба стана збор за приоритетите и проектите во Општина Велес како и искористувањето на средствата од ИПА програмата преку претставување на конкретни програми наменети за општините.

Во составот на делегацијата беа и Борис Тонхаусер, извршен советник во програмата „Платформа“, како и Калменд Зајази и Јоаким Род, претставници на Асоцијацијата НАЛАС. „Платформа“ претставува паневропска коалиција на повеќе од 100 000 локални и регионални власти кои активно соработуваат на поврзување на градовите и регионите, додека Асоцијацијата НАЛАС чие седиште е во Скопје обединува 14 здруженија кои претставуваат околу 9000 локални власти во регионот на ЈИЕ. Во април годинава, Велес беше град домаќин на дебата од меѓународен карактер во организација на Налас на која гости беа триесетина градоначалници од повеќе општини од Југоисточна Европа.

Општина Велес останува отворена за продлабочување на меѓународната соработка преку активно вклучување во сите релевантни мрежи кои може значително да помогнат во користењето на позитивни искуства и практики во однос на локалниот и економскиот развој.