Информациите во врска со работењето и преземањето активности на институциите за заштита од Ковид-19, како и заклучоците произлезени од дваесет и четвртата седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на денешната прес конференција ги презентираше градоначалникот Коцевски.

Општата болницата во Велес работи со измена во протоколите поради зголеменото пријавување и закажување прегледи со „Мој термин”. Петнаесет лица во моментов се наоѓаат на Инфективното одделение, 11 од нив се позитивни, еден е негативен, а за тројца се чекаат резултати (осум од нив се од Велес, три од Свети Николе, двајца од Кавадарци, еден од Неготино и еден од Делчево). Од редот на вработените во велешката болница, нема заболени и во моментов нема медицински лица кои се на испомош во клиниките во Скопје.

Во Центарот за доктрини и обука во Велес во наредниот период ќе пристигнат 70 кандидати кои ќе бидат обучувани за професионални војници. Според планот, истите ќе останат на обука во Велес во следните три месеци, рече Коцевски.

„Од претставниците на МВР-СВР, Велес, бевме известени дека Министерството врши контрола на 26 лица кои потпишале Решение за самоизолација. Во периодот од последната седница, на 27 август, до денес биле поднесени 416 прекршочни платни налози. МВР заедно со пазарната инспекција вршат контрола на угостителските објекти и не утврдиле непочитување на мерките”, истакна Градоначалникот.

Информациите од ОО на Црвениот крст – Велес велат дека пакетите со прехранбени и хигиенски производи, донирани од маркетите „КАМ” се навремено  поделени. Доколку се јави потреба за  распределба на хуманитарни пакети, ОО на Црвен крст – Велес располага со резерви и веднаш ќе излезе во пресрет.

ЈКП „Дервен” редовно врши перење и дезинфекција на улиците. Решен е проблемот со водоснабдувањето во село Караслари, а други проблеми со водоснабдување нема.

Утре започнува изградбата на новата водоводна линија кон Речани, Трпезица и на потегот од Железен мост до населбата Весела долина.

„Забележани се непочитувања на предвидените мерки на надворешниот простор кај Малото пазарче во Нова населба и е решено да се преземат поригорозни мерки и активности од страна на МВР-СВР Велес”, истакна градоначалникот Коцевски, кој надополни дека депонијата кај реката Тополка е исчистена.