Во рамки на официјалната програма во одбележувањето на јубилејот 40 години од отворањето на Спомен-костурницата на загинатите борци во НОВ од Велес и велешко, делегација од регионот Алзас од Република Франција денес оствари средба со градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Посетата на француската делегација е во организација на Асоцијацијата „Алзас – Македонија” („АЛМА”), чијшто претседател, г-дин Жак Шлеф во своето обраќање го изрази задоволството од досегашната одлична соработка помеѓу регионот Алзас и Општина Велес на повеќе полиња.

На средбата се обрати и г-дин Жерар Штедел, претседател на Унијата на Алзашани во светот, кој задоволен од приемот на Општина Велес и на велешани, го изрази своето лично сочувство поради немилиот настан кој се случи неодамна на езеро „Младост”.

Поради тоа, тој вети подлабока соработка со Општина Велес и со противпожарната единица, за која во периодот кој следи ќе биде донирана противпожарна опрема.

„Пријателството се негува и искрено се препознава. Секоја идеја која ја продлабочува и подобрува нашата долгогодишна соработка ќе биде добредојдена за реализација” истакна градоначалникот Коцевски на средбата со пријателите од Алзас.

Претставници од француската делегација имаа свој музички настап во Спомен-костурницата при одбележувањето на 11 Октомври, Денот на народното востание, како и со свои перформанс од традиционални алзашки песни се претставија пред велешката публика во рамки на јубилејниот концерт на КУД „Керамичар“.