Локалната библиотека „Гоце Делчев” и ЛУ Народен музеј – Велес од денес, 6 јули 2020 година, повторно ги отвораат вратите за корисниците и посетителите.

Согласно мерките и препораките на Владата, по предлог на заклучоците од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, беше донесена одлука за отпочнување со работа на библиотеките, музите, галериите и изложбените простории со задолжително почитување на протоколот за работа на истите.

Според протоколот за работа на библиотеките, читалните нема да работат сè до добивање на новите упатства. Вратените книги посебно ќе се одвојуваат и во следните 72 часа нема да бидат достапни за издавање. Библиотеката нема да го евидентира пропишаниот рок на враќање на позајмените книги во периодот кога не работеше со корисници. На корисниците нема да им биде овозможено  слободно пребарување на  библиотечниот фонд. Работа со корисниците опфака враќање и позајмување на книги, обновување на членството и запишување на нови корисници.

Додека пак функционирањето на музејот, како што е наведено во протоколот за работа на музеите, дозволува на 100м2 површина посета до 15 посетители, а во спомен куќите на велешките великани, во зависност од квадратурата, истовремено може да биде дозволен влез на пет до шест посетители по група, по што останатите групи би ротирале.

Работното време на библиотеката и музејот ќе се одвива во една смена од 08:00 до 16:00 часот. За време на деновите на викенд, Локалната библиотека не работи.