Поттикнати од мотото дека секое дете има право на пристап до современите технологии и можност да ја следи онлајн наставата заедно со сите други ученици, компанијата „Еколог“ и нејзините основачи – семејството Дестани од Тетово, денеска на градоначалникот Аце Коцевски му предадоа донација од 50 таблети.

Донацијата е наменети за деца чии семејства се соочуваат со тешки социјални предизвици и не се во можност да следат онлајн настава и да пристапат до глобалната ризница на знаење достапна на Интернет. Донацијата на Градоначалникот Коцевски му ја врачи Абрахам Сабах, директор во компанијата „Еколог“ со седиште во Тетово. „Користам прилика во мое име, во име на Советот на Општина Велес, во име на граѓаните на Велес, особено во име на родителите на учениците од социјално ранливите категории да упатам искрена благодарност до компанијата „Еколог“ од Тетово, особено до семејството Дестани и да ја пофалам нивната општествена одговорност и нивната голема донација“ рече Коцевски во изјава за медиумите. Тој ја информираше јавноста дека во Велес има 403 ученици, во најголем дел од основните училишта, но и во средните училишта кои не можат да ја следат онлајн наставата. „Овие таблети ќе бидат од големо значење за учениците. Се надевам дека и други компании од земјава, особено од Велес ќе го следат овој пример и со заеднички сили ќе можеме да придонесеме и да обезбедиме што повеќе таблети за да може децата да ја следат наставата“, рече Коцевски. Компанијата „Еколог“ досега обезбеди колу 4000 таблети за децата во голем број општини.