На денешната прес конференција, градоначалникот Аце Коцевски ги презентираше информациите и заклучоците на Општинскиот штаб за заштита и спасување кој се состана утринава. Како што информираше градоначалникот, денес нема регистрирано нови заболени од Ковид 19 во Велес, регистрирани се 3 лица кои оздравеле. Двајца се на инфективно одделение и еден на домашно лекување. Се очекува во наредните денови да бидат регистрирани оздравени пациенти од клиниките во Скопје кои имаат два негативни резултати, но бидејќи не се испишани од Инфективната клиника сеуште се водат како заболени. „Добра информација е тоа што од контролните тестови на вработените во детската градинка не е регистриран ниту еден позитивен, значи сите вработени се негативни на Ковид 19“, рече Коцевски. Тој ја извести јавноста дека  во Велес и велешко досега се инфицирани вкупно 127 лица. Од нив 70 се оздравени, 49 се активни, а 8 се починати. На домашно лекување се 25 пациенти, 16 се на инфективното одделение  во велешката болница и 8 на инфективната клиника во Скопје. Градоначалникот Коцевски денеска ги соопшти и информациите од МВР според кои 87 лица се со решенија за домашна изолација, а во државниот карантин „Монтенегро“ се сместени 59 лица. Денеска ќе биде испразнет, но се очекува нова група на граѓани кои ќе бидат сместени во државен карантин во хотелот „Монтенегро“. 24 лица од Велес се наоѓаат во државен карантин во други градови низ државата. За 10 лица се поднесени кривични пријави заради непочитување на полицискиот час и одредбите од Кривичниот закон, за што Јавото обвинителство изрекувало казни во висина од 800 евра. Во изминатиот период се издадени 11 прекршочни платни налози за неносење на заштитни маски. Против 45 лица се преземени превентивни мерки за неносење на заштитни маски. Како што рече Коцевски, СВР –Велес ја известил општината дека веќе имаат изготвено оперативен план за дејствување за време на викендот и празникот Рамазан Бајрам . Извршени се разговори со оџите од Велес и велешко. Меѓу вработените во СВР-Велес нема ниту еден заболен од Ковид 19. Има едно заболено лице кое живее на територијата на Велес, но е по потекло од Градско  и не е вработен во СВР-Велес, туку во Единицата за брзо распоредување. Градоначалникот Коцевски изрази огромна благодарност и упати пофалба до ОО на Црвениот крст за успешно организираната втора вонредна крводарителска акција на која се собрани 63 крвни единици кои се многу значајни во овој период заради намалените резерви во државните клиники. Во изминатиот период од последната седница на Штабот, регистриран е еден повик за набавка на лекови и храна, три за добивање на психо-социјална поддршка и извршен е еден преглед на мобилниот лекар.
Градоначалникот информираше дека како превентивна мерка во борбата против Ковид 19, во пресрет на празникот Рамазан Бајрам се врши дезинфекција на улиците во населените места со доминантно население од муслиманската заедница како и на улицата „Коле Цветков“ каде што се наоѓа џамијата.