По повод смртта на академскиот сликар и професор во пензија, Ангел Петров, денес во Општина Велес се одржа комеморативна седница.

Во присуство на членови на семејството на Петров, неговите пријатели, соработници и поранешни колеги, во името на сите граѓани на Велес со Ангел Петров се збогуваше градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

„Кога животот ни ја крши душата, уметноста е таа што нè потсетува дека ја имаме. Навираат слики и живи спомени поврзани со ликот и делото на еден голем човек. И токму затоа, во овие тажни моменти, нималку не е лесно да се изнајдат вистинските зборови да се говори за една личност каков што беше академскиот сликар и професор Ангел Петров”, рече Коцевски.

За огромниот придонес и делата што ги остави зад себе како една од водечките личности од неговата фела, велешани ќе го паметат Петров како создавач на најголемиот опус на портрети на Гоце Делчев и Коста Солев Рацин.

За неговата воспитувачка, педагошка и професионална кариера како професор на многу генерации, говореше директорот на велешката гимназија СОУ „Гимназија Кочо Рацин”, Гоце Алексовски.

Петров е роден e на 22 август 1933 година во Велес. Средно училиште завршува во Скопје кај професорите Личеновски, Мартиновски, Коџоман и Борко Лазовски. Образованието го продолжува во Белград во Академијата за применета уметност, во класата на професорот Винко Грдан.

Петров има добиено многу награди и признанија, а добитник е и на највисоката општинска награда  за животно дело „Гемиџии” во 2004 година. Тој има создадено над пет илјади врвни уметнички дела.

Посмртните останки на Ангел Петров ќе бидат погребани денес на гробиштата на црквата „Св. Великомаченик Пантелејмон” во Велес.