Општина Велес преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион доби поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа за реализација на проектот „Инклузивен туризам – рекреативни содржини и услуги за еднаков  пристап до туристичката атракција Езеро Младост“. Проектот  кој го подготви Општина Велес во соработка со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион е поддржан со  финансиски средства во висина од околу 9 милони денари  и треба да се реализира до мај 2021 година.

Проектот  кој денеска пред јавноста го презентираше градоначалникот Аце Коцевски предвидува уредување  и опремување на  инклузивно игралиште со две тактилни патеки и реквизити соодветни за користење од страна на деца и лица со попреченост и од страна на посетителите од земјата и од странство.

Парцелата за уредување на игралиштето е лоцирана веднаш до парцелата на постојниот еко-камп на чие уредување се работи во рамките на проектот СМАРТ езеро Младост финансиран од ЕУ и управуван од проектната единица на ПРЛК.

Со оваа активност ќе се подобрат условите за рекреација во околината на езерото  на децата и лицата со попречености од Вардарскиот плански регион.

Како  што нагласи Коцевски додадена вредност на проектот е новата уредена плажа со пристап за лица со попреченост за што општината годинава  инвестираше 200.000 денари.

Со овој значаен проект, децата и лицата со попречености ќе добијат можност со помош на специјализирани реквизити и соодветна инфраструктура да уживаат во нови,  атрактивни содржини за забава и рекреација и да се дружат со своите врсници покрај езерото.

Ова е еден од ретките проекти во државата за инклузивен  развој на туризмот.