Творештвото на врвниот ликовен уметник од Велес, Александар Јовановски Мијак повторно претставено пред љубопитните очи на вљубениците во уметноста од Соединетите Американски Држави.
По дванаесетти пат, во септември оваа година над триесет уметнички дела, графики и слики, беа презентирани на три самостојни изложби. Првата беше отворена во Тотова, Њу Џерси, втората во Marble House Mansion, Њу Порт, Роуд Ајленд, кој е приватен имот во сопственост на семејството Рокфелер и третата во Њу Порт Росклиф, Роуд Ајленд.
По враќањето од САД, Јовановски оствари средба со градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски кој му честиташе за достојното презентирање на велешката и македонската култура во Соединетите Американски Држави.
Како амбасадор на велешката и македонската уметност, реномираниот академски сликар Александар Јовановски Мијак, кој паралелно ја гради својата кариера во државата и странство од вкупно деветнаесет самостојни изложби, дванаесет има реализирано во САД, а има учествувано и на повеќе од 500 групни изложби.
Неговите дела се наоѓаат во многу колекции во целиот свет.
Значајните успеси на вистинските амбасадори на велешката култура и уметничко богатство Општина Велес ги поддржува, а и понатаму ќе се заложува истите да бидат признаени и достоинствено презентирани пред пошироката јавност.