„Дрво јаворово”, „Мара Акчиева” и многу други староградски песни беа дел од годинешната единаесетта по ред „Вечер на староградски песни” која традиционално ја организира ансамблот на староградски песни „Распеани велешани”. Настанот е организиран во чест на празнувањето на 8 Септември, Денот на независноста.
Магијата на звуците од препознатливите велешки староградски песни во Младинскиот парк, вечерва ја донесоа ансамблите од Радовиш, Валандово, Гевгелија и Велес.
Општина Велес го поддржа настанот и ќе продолжи во своите заложби да ги негува и препознава настаните кои ги промовираат вистинските културни вредности меѓу кои е и почитта кон традиционалната староградска музика со која изобилува велешкото поднебје. Велешкиот староградски мелос заслужува да прерасне во еден од најавтентичните брендови во македонската народна музика со која може да се гордее градот.
Познатата Велешка чалгија до неодамна била составен дел на секоја семејна веселба или јавна манифестација. Традицијата на славните велешки чалгаџии, денес, ја продолжуваат музичарите во фолклорните анаамбли од градот, како и ансамблот „Распеани велешани” основан уште во далечната 1971 година.