Водата во Езерото Младост е исправна за капење и рекреација, покажуваат последните тестирања на Центарот за јавно здравје во Велес. Направени се хемиски и  микробиолошки тестирања на мостри земени од неколку места на езерото и според добиените резултати параметрите се во границите на максимално дозволените граници.

Резултатите од лабораториските анализи на мостри земени од водата на Градска плажа бр.1, покажуваат дека во однос на микробиолошките индикатори, водата е исправна, додека според физичко-хемиските параметри водата по матност е во 5-та, а по однос на другите параметри е во 2-ра и 1-ва класа.

Водата во река Бабуна не е дозволена за капење затоа што анализите на Центарот за јавно здравје, направени на мостри земени на мерно место плажа 1, над кланица, покажуваат дека е бактериолошки неисправна и во неа се содржи бактеријата ешерихија коли. По матност водите на реката се во 5-та класа и во 3-та класа по бактериска контаминација, затоа не можат да се користат за капење и рекреација и за наводнување на земјоделски површини.