Во рамки на деновите за одбележување на 9 Ноември, Денот на ослободувањето на Велес вечерва беше одбележан пеесет годишниот јубилеј од творештвото на академскиот вајар, реномираниот велешанец, Војко Јаневски.
На ликовната изложба беа изложени 45 слики изработени во разни техники, цртеж со туш, цртеж со бајц, масло на платно, акварел и во комбинирана техника, шест скулптури и седум дела керамики.
Промотор на монографијата која содржи над 150 фотографии и каталошки податоци за творечкиот опус на Јаневски беше кустос – историчар на уметност Дора Андова од Музеј на град Скопје, која во суперлатив говореше за досегашните достигнувања на авторот.
Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, свечено ја отвори изложбата, за која свој осврт даде Спасе Перовски, дирктор на Националната установа Археолошки локалитет Стоби, хаику поезија прочита Атанас Крлевски, а младата поетеса Вероника Гијовска раскажа неколку анегдоти од живот на авторот.
Војко Јаневски (29 април 1940) дипломира на Академијата за ликовни уметности во Загреб во 1966 година. Има организирано над 30 самостојни и учествувано на околу 200 групни изложби во Турција, Хрватска, Србија, САД, Бугарија и други држави.
„Во творештвото сум длабоко искрен и пред самиот себе и пред публиката. Не потпаднав под ничие влијание или лица. Творбите не ми се комерцијализирани. Тие се длабоко искрени” потенцираше Јаневски во поздравното обраќање пред присутните љубители на ликовната уметност во Ликовниот салон.
Настанот е поддржан од страна на министерство за култура и Општина Велес.