Со финансиска поддршка од Владата, преку Агенцијата за млади и спорт од денес официјално започна проектот за отворање на Младински центар во Велес.

Отворањето и работата на Младинскиот центар  беа во фокусот на првата работна средба во Велес  на која присуствуваа градоначалникот Аце Коцевски со претставници на Владата, Агенцијата за млади и спорт и Сојузот за младинска работа.

На денешната средба во Општина Велес присуствуваа и претставници на граѓанскиот сектор и медиумите, како и претставници на младите од градот.

„Би сакал повторно Велес да биде најавангарден град во државата. Со овој проект, младите ќе имаат можност за учество во креирањето на општинските политики, но и во контролата на властите. Младите треба да бидат генератори на развојот во општеството и јас лично, сè што постигнав во животот, постигнав преку младинските организации” рече на средбата градоначалникот, кој упати јавна благодарност до Владата и Агенцијата за поддршката на Младинскиот центар.

„Младите треба да бидат поактивни и помобилни. Затоа започнавме иницијатива во Велес да создадеме Младински центар во кој младите ќе спроведуваат активности, ќе бидат мобилни и ќе работат за спроведување на младинските политики” истакна Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт.

За Ѓорги Тасев, Советник за млади во Владата, после неколку децении се прави нешто од суштинска важност како што е Младинскиот центар, кој ќе овозможи развој и активно учество на младите велешани во заедницата. „Наша максима како Влада е дека младите најдобро знаат што им е најпотребно на сите млади луѓе. Затоа и овој проект претставува еден широк и инклузивен процес”, рече Тасев.

Илија Станковски, претставник на Сојузот за младинска работа истакна дека во моментов се работи на воспоставување на стандарди за младинска работа, а младинските центри ќе играат значајна улога во развојот на локалната заедница, но и на национално ниво. „Општина Велес е пријател на младите и граѓанските организации  и се надевам дека овој состав ќе развие функционален центар за млади”.

Покрај младинскиот центар, Агенцијата за млади и спорт со сума од 16.000.000,00 денари ја финансира и реконструкцијата на дел од градскиот стадион во Велес, а според најавите до јуни годинава треба да се реализира и проектот за покриен базен во градот. Покрај Велес првите младински центри ќе бидат отворени во Куманово, Битола и Кавадарци.