На денешната прес конференција Градоначалникот Коцевски најави дека во Велес ќе се отвора пункт за масовна вакцинација против Ковид-19.  Пунктот ќе биде сместен во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“. Имунизацијата на граѓаните ќе започне на 25  овој месец. Во вакциналниот пункт ќе имаат можност да се вакцинираат граѓаните на Велес но и на општините Свети Николе, Градско, Чашка и Лозово. Имунизацијата ќе се спроведува во 15 паравани и еден параван за итна медицинска помош, а за вакцинацијата ќе бидат задолжени осум доктори и 30 медицински сестри од ЈЗУ Здравствен дом Велес.

Во опремувањето на вакциналниот пункт, покрај Општина Велес, ќе учествува и бизнис заедницата. На денешната средба што ја остварија со градоначалникот изјавија дека безрезервно ја поддржуваат иницијативата за отворање на пункт за масовна вакцинација. Во подготовката и опремувањето на пунктот, дел од нив ќе се вклучат со опрема, дел со финансиски средства и волонтери.

„Исклучително сум задоволен од претставниците на бизнис заедницата од нивниот однос на нашата покана и на поканата на државата, односно министерството за здравство да се вклучат со помош и поддршка за отворање на вакциналниот пункт во Велес. Јас сум исклучително среќен заради тоа, велешани уште еднаш ја покажуваат својата општествена одговорност и подготвеност да помогнат тогаш кога е најтешко иако  тие и досега многу помогаа на јавните здравствени установи особено изминатата година кога се справувавме со последиците од пандемијата“, рече Коцевски.

Вакцините ќе ги обезбеди министерството за здравство а покрај здравствените работници кои ќе бидат вклучени во имунизацијата на граѓаните, помош и поддршка ќе дадат и волонтерите од О.О. на Црвен крст. Градоначалникот Коцевски ги повика граѓаните без размислување да се вакцинираат, затоа што само така ќе го заштитат сопственото и јавното здравје.

„Јас ја исполнив мојата граѓанска должност, се вакцинирав вчера во Кавадарци, на закажаниот термин, и ја користам оваа прилика да ги повикам граѓанките и граѓаните на Велес и од  другите општини да се вакцинираат без размислување и двоумење, затоа што само така ќе ја надминеме оваа криза и конечно ќе можеме да се вратиме во нормалниот живот“, рече Коцевски.

Се очекува вакциналниот пункт да биде подготвен за имунизација до 20-ти мај кога ќе се направат и првите пробни вакцинирања против Ковид-19.