Градоначалникот Коцевски денеска информираше за тековните инфраструктурни проекти во Велес. Интензивно се работи на санација на карпата во месноста „Цуцка“, се работи на проектот СМАРТ езеро Младост финансиран од ЕУ , во кој се уредува еко- кампот и паркот на авантури, се работи на пешачката патека и наскоро се очекува да биде асфалтиран и патот кон винаријата „Шато Сопот“, се поставува урбана опрема, се работи на хортикултурно уредување на крајбрежниот појас. Заврши изведбата на фекалната канализација во Оризари, во тек се реконструкции на водоводните линии на три улици во градот, а во наредниот период треба да бидат реконструирани уште осум улици. Делницата на патот од Бузалково кон Сливник е асфалтирана, се очекува деновиве да продолжат активностите на патниот правец од Клуковец кон Сливник. Реконструкцијата на патот се изведува во вкупна должина од над 6 километри. Стартуваше еднонасочното одвивање на сообраќајот на улиците „Христо Татарчев“, „Никола Карев“ и „11 Октомври“. Заврши бетонирањето на улицата во с. Караслари, се работи на бетонирање и на улицата во Раштани. Во моментов се работи на бетонирање на улицата „Тодорче Николовски“ во Шорка и на улицата „Нада Бутникошарова“ во близина на градскиот пазар. Се работи на потпорниот ѕид на ул. „Рилски конгрес“ бр. 40 , како и на крак во должина од 470 метри за поврзување на комплексот „Вел Сити“ со канализационата мрежа.  Во неколку училишта во градот и во општинската зграда се работи на реконструкција на санитарии и замена на столарија, се поставуваат хидранти, се обновуваат фонтаните и автобуските постојки во градот. Завршено е одбележувањето на хоризонталната сигнализација. Коцевски ја информираше јавноста дека на последната седница на Советот за развој на Вардарскиот плански регион е донесена одлука за апликација на проект за отворање на регионален иновациски хаб во просториите на поранешната народна кујна. Во врска со тековните работи за опремување на киното во Велес, Коцевски информираше дека наскоро се очекува да пристигне платното за кино – проекција и да се финализира овој значаен проект за граѓаните на Велес.