Во тек се неколку градежни зафати на повеќе локации во градот, со цел подобрување на инфраструктурата во Општина Велес. 

Градежни работи за изградба на потпорен ѕид се одвиваат на улица „Богдан Каракостев”. Потпорниот ѕид е со висина од околу 3,50 метри и должина од 28 метри. Општина Велес ги известува жителите од овој дел на градот дека динамиката на изведување на работите на терен се одвива според конфигурацијата на теренот, но и во зависност од временските услови.

Во тек се градежни работи за изведба на потпорен ѕид и на улицата „Рилски конгрес”, кој е со должина од 20 метри и со променлива висина од 1,50 до 3,50 метри. По завршувањето, ќе се изврши реконструкција на завршниот слој на улицата во должина од 150 метри, со што ќе се обезбедат услови за безбедно одвивање на сообраќајот на оваа улица.

Завршија градежните работи за тампонирање на дел од улицата „Димитар Влахов” кој се издвојува и води под железен мост кон населбата Речани во должина од 100 метри. Извршено е и бетонирање со цел насочување на атмосверската вода која се слева од улицата кон реката Вардар, а на средниот дел од улицата извршено е и канализирање на атмосферската вода со собирна шахта. Со изведување на градежните работи се создадоа услови на еден дел од улицата за паркирање на десет автомобили.