Денеска во Филтер станицата, ДЕ НОРА ТПФ 37, ЈКП „Дервен“ го пушти во употреба новиот генератор за производство на озон вреден 14.750.000 денари или 240.000 евра.

Тој ќе го земени сегашниот дотраен стар озонатор кој се користи од 1991 година.  Во изминатиов период претпријатието не располагаше со резервен озонатор, а постоечкиот беше во лоша состојба поради застарената технологија на производство. Отежната беше и набавката на резервни делови, а годишните трошоци за одржување на системот изнесуваа од 10.000 до 15.000 евра. Фабриката за преработка на водата за пиење се снабдува со сирова вода од хидроакумулацијата „Лисиче“.

Генераторот за производство на озон овозможува соодветен третман на површинските води и дезинфекција на водата со што граѓаните добиваат здрава и квалитетна вода за пиење. Со новиот генератор за озон ќе се намалат трошоците за производство на вода за пиење, ќе се обезбеди континуиран процес на производство на озон, ќе се воведе автоматска работа на генераторот за озон и што е најважно, велешани ќе продолжат да користат  здрава и квалитетна вода за пиење по највисоки стандарди. Ова е една од најзначајните и најголеми инвестиции на ЈКП „Дервен“ во изминатиот период. Инвестицијата ја овозможи Општина Велес со враќање на долговите кон јавното комунално претпријатие.