Градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција извести за тековните работи кои се спроведуваат во Општина Велес.

Коцевски соопшти дека на следната седница на Советот на Општина Велес ќе биде разгледана предлог-одлуката за рушење на зградата на диспанзерот, која од страна на Владата е предадена на Општина Велес, на чиешто место предвидено создавање на паркинг простор за времено паркирање.

„Велес станува градилиште. Со доброто време се интензивираат градежните активности во општината. Започнавме со решавање на проблемот, односно се санира просторот на свлечиштето ‘Цуцка’, на езерото Младост во тек се градежни активности предвидени според проектот ‘Паметно езеро Младост – Прва иновативна туристичка дестинација во Македонија’, на градскиот фудбалски стадион се реконструираат трибините, соблекувалните и другите простории, во тек е реконструкција на три водоводни линии, од вкупно седум водоводни и две канализациони линии на териотирјата на Општина Велес, парцијално се работи на изградба на патот кон селото Сливник и од Сливник кон Бузалково, како и патот кон винаријата ‘Шато Сопот’”, рече Коцевски.

Градоначалникот издвои и дел од другите проекти кои во овој период се реазлизираат во општината: се изведува крак од фекалната канализација во село Оризари, во финална фаза е планот за еднонасочно одвивање на сообраќајот околу ООУ „Васил Главинов” и се создаваат нови паркинг места на сообраќајниците, се реконструира дел од улицата „Нада Бутникошарева”,  потпорен ѕид на улицата „Рилски Конгрес”, со што ќе се подобри безбедноста на улицата за одвивавње на сообраќајот, започна реконструкцијата на улицата „Петре Милевски” на Kамено брдо, се вршат градежни активности за изградба на крак на фекалната канализација од комплексот „Вел Сити” до поранешно „Симпо” во должина од 470 м, се реконструираат дел од општинските основни улилишта, како и училишните спортски сали, поставени се десет хидранти за подобрување на состојбата за заштита од пожари на отворено, во тек е и одбележување на хоризонталаната сигнализација во градот, во тек се градежните работи предвидени за адаптирање на кино салата во зградата на Локалната библиотека „Гоце Делчев” каде ќе се овозможи проектирање на квалитетни филмови според најнова технологија, како и текот на градежните работи за отворање на првото туристичко-информатичко биро во центарот на градот.