Почетокот на изградбата на новиот пазар предизвика многу реакции во јавноста. Реакциите се воглавно позитивни затоа што граѓаните со нетрпение очекуваа да започне изградбата на пазарот. Градоначалникот Коцевски е изненаден од коментарите на поранешни и сегашни функционери кои на социјалните мрежи коментирале за доцнењето на изградбата.

„Живееме во демократско време секој има право да го изрази своето мислење но мене ме загрижува фактот што заради недоволната политичка култура, политичката заслепеност и длабоката разделеност на двата табори во нашата земја како да не знаеме, не можеме или не сакаме да се израдуваме на убавите работи кои ќе донесат благодет за сите а не само за тие што се на власт.

Народот вели немаат „ни срам ни перде“, поранешни функционери кои се дрзнаа на социјалните мрежи да критикуваат зошто се доцнело со почетокот на изградбата на пазарот иако вистински виновници што се доцнеше се токму тие“, рече Коцевски.

Градоначалникот Коцевски објасни дека 40-те  милиони денари  општината ги добила од Владата кон крајот на 2019 година.

„Општината не почна со изградба на пазарот во 2020 година поради следниве причини:

-прво затоа што не беше донесен ДУП, моравме да почекаме да заврши постапката за донесување на ДУП а кој се носеше исклучително долго околу десетина години.

-моравме да ја завршиме постапката за да го добиеме земјиштето на кое се наоѓа пазарот на користење од страна на државата преку министерството  за транспорт и врски  и преку владата затоа што претходната власт од за мене неразбирливи причини го одзела корисничкото право од „Дервен“ и и го вратила на Владата на користење и трето за да можеме да си издадеме одобрение за градба и да распишеме тендер за да избереме најповолен изведувач мораше да бидат завршени сите претходни работи“, рече Коцевски.

Тој изрази жалење што претходната власт го злоупотребила пазарот во кампањата во 2017 година кога склучила договор со фирма изведувач со склучен договор од 12 милиони денари само за земјени работи без набавка на ниту еден килограм челик. Општина Велес тогаш го раскинала договорот и не ја продолжила постапката која била незаконска и нелегитимна.

„Тие истите кои учествуваа на камен темелникот на новата театарска зграда во Велес во мај 2008 година во присуство на премиерот и министерката за култура и други министри од Владата кои камен темелникот го поставија на кота 6 метри повисока од вистинските темели само за да направат свеченост во функција на престојните избори, после тоа бесрамно ја ископаа земјата во длабочина од 6 метри и камен темелникот заедно со повелбата која била ставена во шише и опеана од Владиката ја фрлија во депонија за градежен шут. Сега истите тие нас не напаѓаат 7 месеци пред изборите дека ние наводно го злоупотребуваме овој настан за собирање на политилки поиени во пресрет на локалните избори. До тогаш има уште 7 месеци и можат да се направат уште многу работи“, додаде Коцевски.