Стадионот „Зоран Паунов“ или попознат како Градски стадион во Велес полека но сигурно добива лик на модерен и современ стадион, изграден по сите меѓународни стандарди. Реконструкцијата на стадионот се реализираше со финансиски средства од Агенцијата за млади и спорт во висина од 12.210.341,00 денари. Градоначалникот Аце Коцевски и Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски денеска извршија увид на завршените градежни зафати на стадионот.
„Од името на Советот на Општина Велес, од името на сите спортски работници и граѓани како и од мое лично име упатувам голема благодарност до Агенцијата за млади и спорт што ја препозна потребата од реконструкција на стадионот. Се надевам дека соработката со Агенцијата ќе продолжи и во наредниот период со цел уште повеќе да ги подобриме условите за одржување на спортски настани и воопшто за спортистите“, рече Коцевски.
„Задоволството е на Агенцијата за млади и спорт, со Општина Велес ќе соработуваме и во иднина за да овозможиме уште подобри услови, затоа што овој терен заслужува да има прволигашки статус. Заедно со локалната власт ќе продолжиме да го градиме овој спортски комплекс, за да донесеме едно државно првентсво, токму тука на овие терени“, рече Мојсовски.
На Градскиот стадион се изгради западната трибина за публика која зафаќа површина од 350 квадратни метри,се реконструираше и објектот во кој се сместени соблекувалните.
Денешната посета на Градскиот стадион, Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски ја искористи и за разгледување на ЈП „Парк – спорт и Паркинзи“, локацијата каде што е предвидено да се гради затворениот школски базен и Локалната библиотека „Гоце Делчев“ каде ќе биде сместен Младинскиот центар.