Пандемијата наметна многу предизвици и промени, но тоа не смее да ги поколеба учениците и матурантите да продолжат да учат и да се надградуваат. Бојкотот на наставата не оди никому во прилог. Неодговорно е да им се ускрати правото на оние кои одлучиле да го продолжат своето образование и да се запишат на факултет. Како никогаш до сега, сега  најпотребен ни е разумот, да не дозволиме да ,,уништиме,, генерација која во иднина треба да стане столб на општеството, изјави градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција.

Учениците коишто не планираат да продолжат на факултет, имаат избор да полагаат само училишна матура и стручен испит. Државната матура оваа година ќе се полага по скратена и променета методологија како што Министерството за образование и наука уште на почетокот на учебната година одлучи, а со тоа беа сложни и матурантите и средношколските здруженија и наставниците и родителите.

Неколку дена по ред матурантите од сите четири средни училишта ја бојкотираат наставата односно не се вклучуваат на онлајн часовите и не доаѓаат на училиште за практична настава. Учениците бараат да се укине државната матура. Од страна на училиштата превземени се сите мерки односно одржани се вонредни родителски средби, совет на родители, разговори со претседател и членови на училишна заедница. Сите родители се известени, постои редовна комуникација со класните раководители на завршните паралелки и редовно се одржуваат координативни состаноци.

Во текот на вчерашниот ден директорите на училиштата одржале состанок со Министерката Мила Царовска која дала јасни насоки и искажала цврст став дека матурата ќе продолжи да опстојува како и досега, но со суштински промени. Имено оваа година матурантите учат според скратена програма и на матурата учениците ќе работат според поедноставени прашања. Матурата ќе се одвива физички со редуциран број на ученици во една група.

„Не е добро да се укине матурата затоа што со тоа се обезвреднува дипломата од средното училиште и без неа не се заокружува тој цилкус на образование. Без матурски испит учениците не  можат да се запишат во странство и не им се признаваат во целост испитите од средното образование“, рече Коцевски.

Според овие насоки, директорите на училиштата се изјаснија дека делумно учениците почнале да се вклучуваат на настава и дека многу голем дел од матурантите ги пополниле пријавите за полагање на матурски испит. Општина Велес  и понатаму ќе ја следи состојбата со бојкотот на матурантите.