Во рамките на проектот „Рефлектор врз антикорупциските практики на локално ниво”, кој го спроведува НВО „Инфо Центар” од Скопје во соработка со Државната комисија за спречување корупција и со поддршка на УСАИД, Општина Велес во прелиминарниот извештај е посочена како пример на општина со добри практики во борбата против корупцијата.

„Во наодите, како особено значајна е нагласена нашата практика во посебен дел на официјалната веб страница на Општина Велес да ги објавиме сите клучни документи за антикорупција како што се кодексот на локалните функционери, етичкиот кодекс на административните службеници, политиката за интегритет, како и линкот до имотните листови на локалните функционери од базата на податоци на Државната комисија за спречување на корупцијата” истакна на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Добрите практики во областа на антикорупцијата, како и досегашните резултати на планот на транспарентноста и отчетноста препознаени од домашната и меѓународната заедница, се потврда дека со нашата работа на планот на квалитетот на услугите, отчетноста, транспарентноста и антикорупцијата успеваме во заложбите да ја вратиме Општина Велес меѓу водечките во државата по прашањето на интегритетот.

Резултатите што денес ги објави НВО „Инфо центар” од проектот  „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиски поддржан од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска, покажуваат дека Општина Велес е меѓу општините во државата кои во првиот месец од вонредната состојба, презедоа низа мерки и активности за справување со пандемијата од КОВИД-19. Како што стои во извештајот општините, следејќи ги владините заклучоци и препораки, брзо реагирале донесувајќи соодветни мерки и активности.

Мониторингот препорачува поголемо вклучување на месните и урбаните заедници во мерките, зајакната контрола на јавните набавки и зајакнување на двонасочната комуникација, особено во руралните средини.

Во областа на справувањето со Ковид 19, покрај Велес како примери на општини кои презедоа мерки за справување со Ковид-19, во контекст на градењето на партиципативна демократија се посочени и општините Крива Паланка и Неготино.