Вечерва во НУ Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ на реномираниот македонски актер и режисер Диме Илиев свечено му беше доделена актерската награда за животно дело „Петре Прличко“. Престижната награда му ја додели градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

За импозантната театарска, телевизиска и филмска кариера на Илиев, за големиот број одиграни улоги и добиените награди, говореше Сашо Димовски, кој во име на Комисијата, ја соопшти одлуката за доделување на наградата. Пред бројната публика се обрати и годинешниот лауреат, Диме Илиев, кој упати благодарност до верната публика која како што рече е секогаш искрена и ја препознава вистинската уметност.

Во чест на актерот Илиев, ансамблот на велешкиот театар ја одигра претставата „Слуга на двајца господари“ според Карло Голдони, а во режија на младиот режисер Ненад Витанов. Настанот е дел од активностите за одбележување на 9 Ноември, Денот на Општина Велес. Во текот на утрешниот ден предвидени се голем број на настани, а Свечената академија е во 20:00 часот кога ќе бидат доделени Деветтоноемвриските награди.