Состојбата со Ковид 19 во градот полека се стабилизира иако се уште бројот на заболени е голем. Се очекува да има варијации на бројката на заболени поради престојните верски празници и Нова година и зголемување на бројот во првата половина од месец јануари. Ваква оценка беше донесена на триесет и првата седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Градоначалникот Коцевски со апел до граѓаните.

„ Строго да се почитуваат мерките за заштита, да се носи маска, да се одржува хигиена, да се држи растојание и да нема групирање. Особено овие мерки да се почитуваат  за време на престојните верски празници и Нова година. Знаеме дека се слави за овие празници, но да се слави со почитување на мерките, затоа што само така можеме да се заштитиме себеси и другите и да спасиме човечки животи“, рече Коцевски.

Според податоците од Центарот за јавно здравје утрово се регистрирани 22  нови оздравени граѓани. Инаку во Велес се регистрирани вкупно 2.536 граѓани заболени со Ковид 19 . Од нив 1778 се оздравени додека 678 се уште се водат за активни. Досега како последива од вирусот починале 80 велешани. Во Општа болница во Велес состојбата е стабилна, благо е намален бројот на лежечки пациенти. Во трите ковид одделенија се лекуваат вкупно 47 пациенти заразени со корона вирусот. Од нив 37 се од Велес, 7 од Свети Николе и 2 од Градско.

Кај сите институции ангажирани за следење на состојбата со Ковид 19, активностите се одвиваат тековно и без поголеми проблеми.